fbpx

Четири приоритети за Глобална стратегија за пандемијата

Џозеп Борел

Политика

КОВИД-19

01.04.20

Прегледи

Џозеп Борел (Josep Borrell)

Josep Borrell 200x250Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно. Сега е јасно дека единствен излез е заедничката соработка.

Во Европа се забележува остриот контраст помеѓу тивките улици и плоштади и болната реалност во болниците, која е срцепарателна. Вирусот ја зграпчи силно не само Европа туку и целиот свет. Веќе е јасно дека оваа пандемија ќе го постави светот на нови основи, но како тоа точно ќе изгледа, ќе зависи од одлуките кои ги донесуваме денес.

Светот треба да го гледа коронавирусот како заеднички непријател. Иако ова не е војна, нас секако ни е потребна мобилизација на ресурсите како во воени услови. Притоа, во време на криза, инстинктот нè тера да се свртиме кон самите себе и да се заштитиме. Ваквата реакција, иако разбирлива, е дефетистичка за нас самите. Самостојното настапување ќе значи сè освен гаранција дека борбата ќе трае доволно долго, а ќе доведе и до тоа човечките и економски трошоци да бидат значително поголеми. Иако овој непријател покрена и националистички реакции, ние можеме да го поразиме само со прекугранична соработка – на ниво на Европа и пошироко.

Потребен ни е заеднички меѓународен пристап кон пандемијата и да им помагаме на најранливите, и тоа не само на оние кои се наоѓаат во земјите на развој и во подрачјата во кои има судири. Оваа поента ја иницирав на последните разговори со министрите за надворешни работи на земјите од Г-7, и со многу други. Европската унија мора да биде, и ќе биде, дел од напорите.

Сега е време да покажеме дека солидарност не е само празна фраза. За среќа, ова е нешто што веќе може да се види во Европа – Франција и Австрија испраќаат повеќе од три милиони маски на Италија а Германија прифаќа и лекува пациенти од Франција и Италија. По првата фаза на различни одлуки на секоја од државите, сега влегуваме во фаза на усогласеност во која централното место го има ЕУ.

Во таа смисла, се прават засилени чекори за олеснување на заедничката набавка на основна медицинска опрема, за заеднички економски мерки и координирани конзуларни напори за репатријација на „заглавените“ граѓани на ЕУ. По виртуелниот состанок на Европскиот совет, лидерите на ЕУ се согласија да ги интензивираат своите заеднички напори, во најмала рака преку развивање на европски систем за управување со кризи и заедничка стратегија за справување со коронавирусот.

Кризата со коронавирусот не е битка помеѓу држави или системи. Во разни фази од пандемијата бевме сведоци на реципрочна помош помеѓу Европа, Кина и другите, демонстрирајќи взаемна помош и солидарност. ЕУ ѝ помогна на Кина кога започна епидемијата на почетокот од годинава а сега Кина испраќа опрема и лекари како помош на засегнатите земји од целиот свет. Ова се конкретни примери за меѓународна солидарност и соработка и тие треба да станат норма. З

а коронавирусот можеме да кажеме дека ги забрзува историските случувања. Без разлика за какви промени да станува збор, ЕУ мора да остане обединувачки фактори и да ги промовира заеднички напори со Кина и САД за справување со пандемијата и со нејзините последици. Само ако се постигне усогласеност во напорите на овие три велесили ќе можеме да кажеме дека Г-20 и Обединетите нации направиле вистинска разлика. Меѓународната соработка помеѓу државите, соработката помеѓу научниците, економистите и креаторите на политики исто така треба да се забрза. Во екот на финансиската криза во 2008 година, земјите од Г-20 имаа одлучувачка улога во спасувањето на светската економија. Повторно и сега постои итна потреба од глобално лидерство.

Постојат четири главни приоритети кога зборува за меѓународната соработка. Прво, мораме да ги обединиме ресурсите за производство на нови лекарства и вакцина, кои треба да се сметаат за глобално јавно добро. Второ, неопходно е да ја ограничиме економската штета така што ќе ги координираме фискални и монетарни стимулативни мерки и ќе ја заштитиме меѓународната трговија со стоки. Трето, треба да планираме повторно да ги отвориме границите на координиран начин, секогаш кога здравствените власти ќе дадат зелено светло за тоа. Четврто, мора да соработуваме во борбата против дезинформации.

Резултатот од неодамнешниот виртуелен самит на лидерите на Г-20 укажува движење во оваа насока, но глобалните и мултилатерални иницијативи треба да бидат поттикнати и целосно да бидат имплементирани во претстојните денови и недели. Како што вирусот ќе се проширува на глобално ниво, ќе биде неопходно да посветиме особено внимание на неговото сè поголемо влијание врз кревките држави, каде се заканува да прерасне во безбедносна криза. Милиони луѓе во Сирија, Јемен, Газа и Авганистан веќе многу години се жртви на конфликти. Замислете што би се случило ако коронавирусот се појави во бегалски кампови каде здравствените можности се веќе на критично ниво а хуманитарните работници веќе имаат проблем да дадат помош. Да ја спомнеме и Африка, која е од огромна важност.

Поради епидемијата на ебола во 2014-2016 година (и поради други епидемии), земјите од Африка го имаат искуството кое на Европа ѝ недостасува во време на оваа криза. Притоа, системите за здравствена заштита на овој континент генерално се слаби а бројот на заразени луѓе се зголемува. Во голем број земји во развој, многу луѓе најчесто и немаат избор туку секојдневно да бидат надвор и да заработуваат за живот во неформалната економија. Уште полошо, миењето рацете и социјалното дистанцирање се нешта кои е многу потешко да се остварат во овие земји затоа што не секаде и секогаш има вода за санитарни потреби а семејствата живеат во тесни и набиени услови.

Ова е битка за која ни е потребно финансирање за ја добиеме. Земјите во развој суштински зависат од следниве извори на финансирање: странски инвестиции, дознаки и туризам. Сепак, сите три се сега интензивно погодени од ситуацијата. На глобално ниво, протокот на капитал драстично се намали затоа што инвеститорите „бегаат“ на побезбедни места а работниците – мигранти ги губат работните места и поради тоа не се во можност да испраќаат пари дома. Се соочуваме со глобална рецесија – за да се избегне економски крах во земјите во земјите во развој ќе бидат потребни значителни кредитни линии и финансиска поддршка, и тоа што е можно поскоро. Единствена исправна насока сега е координацијата помеѓу централните банки и меѓународните финансиски институции.

Конечно, и во време на оваа сеопшта апатија, сепак има шанса да се стави крај на конфликтите кои траеја толку долго време. Веќе се забележуваат одредени позитивни знаци на соработка помеѓу ривалите. На пример, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати неодамна испратија помош во Иран кој е особено погоден од коронавирусот. Никој не е во можност да војува повеќе битки одеднаш. Како што неодамна повика и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, потребно е да ја искористиме оваа криза како можност повторно да воведеме мир.

Светот првично се соочи со кризата предизвикана од коронавирусот на некоординиран начин, при што огромен број држави едноставно ги игнорираа предупредувањата и настапуваа самостојно. Сега е јасно дека единствен излезе е заедничката соработка.

 

Џозеп Борел e Висок претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносни политики и е заменик председател на Европската Комисија.

Авторски права: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Џозеп Борел

Џозеп Борел e Висок претставник на ЕУ за надворешни односи и безбедносни политики и е заменик председател на Европската Комисија.