fbpx

Пиротехничка влада

Зоран Димитровски

Политика

24.01.20

Прегледи

Зоран Димитровски

zoran dimitrovski 200x250Потребна е промена на Законот за влада и на Изборниот законик, со која ќе се воведе правилото избор на автентична техничка влада која би владеела за време на изборниот процес, од распуштањето на парламентот до формирањето нова влада односно за време на изборната кампања. Техничката влада треба да ја води непартиски државен чиновник, универзитетски професор, правен експерт или друга јавна личност која ужива углед како политички непристрасна, како што е во некои европски земји. Во спротивно, Пржинската влада сто дена пред избори, ќе продолжи наместо техничка, да биде пиротехничка.

Дали политичката состојба во Македонија е вонредна? И покрај зовриениот предизборен политички амбиент, ништо не наликува на таква квалификација. Опозицијата е во парламентот, а не надвор од него, и на лидерска средба кај претседателот на државата веќе се договори со власта за одржување предвремени парламентарни избори на 12 април. Заради засилување на европското досие на Македонија пред Советот на ЕУ на крајот од март, кој можеби ќе носи одлука за почеток на преговорите за членство во унијата со нашата земја, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ преговараат за донесување на законот за јавно обвинителство до закажаното распуштање на Собранието на 12 февруари. Нема партиски и политички демонстрации, нема масовно незадоволство на граѓаните од одредени владини политики што ќе се излее на улиците, нема ниту поголеми синдикални протести кои ќе го палат социјалниот и политичкиот оган. За волја на вистината, опозицијата на прес конференции и во блиските медиуми секојдневно лиферува афери поврзани со сомненија за корупција и криминал на владеачката СДСМ, власта одговара со слични пораки до ВМРО-ДПМНЕ заради заштита на криминалот на претходното раководство, но сето тоа изгледа некако вообичаено демократски „бизнис ес јужуал“.

Техничката влада не води кампања

Во таква ситуација на 3 јануари годинава, 100 дена пред закажаните избори се формираше нова влада, која партиите и медиумите ја нарекоа техничка. Идејата на техничките влади (caretaker government) во земјите со вестминстерска демократија е во периодот од распуштањето на парламентот до создавањето нова политички избрана влада, да ги водат најнеопходните работи поврзани со функционирањето на државата и да ја подготват земјата за избори. Техничките влади воообичаено се актуелните политички влади, но во предизборието функционираат само во техничка, а не и во политичка смисла, како што е техничката влада на Австралија, на пример, или, пак, се влади составени од професионалци – експерти од одредени области или чиновници од државната администрација кои немаат политичка афилијација, каков што е случајот, на пример, во Грција. За време на својот кус мандат, додека трае предизборието, тие не можат да се занимаваат со решавање на крупните проблеми на граѓаните, да спроведуваат политики, да предлагаат закони во Собранието и сл. туку само да ги водат тековните работи. Најмалку што можат е со своите постапки да водат политичка кампања во корист на власта или опозицијата.

Кај нас, пак, актуелната влада сосема погрешно се нарекува техничка. Во случајот на кабинетот на Оливер Спасовски, станува збор за класична партиско-политичка влада составена од владеачките СДСМ, ДУИ и Алтернатива, во која се додадени министер за внатрешни работи (Наќе Чулев) и министер за труд и социјална политика (Рашела Мизрахи) од ВМРО-ДПМНЕ, како и тројца дополнителни заменици министри од ВМРО-ДПМНЕ во ресорите финансии, земјоделие и администрација и соодветни кадри од СДСМ како дополнителни заменици министри во министерствата за внатрешни работи и труд и социјална политика што ги водат новите министри од опозицијата со врзани потписи.

Pirotehnicka vladaИзвор: alsat-m.tv

Составот на владата е наследство од Договорот од Пржино во кој се пропишува правилото Владата да поднесе оставка 100 дена пред изборите и тоа да важи за сите наредни избори. Се разбира, на предвремените избори во 2016 година им претходеше драматична политичка криза. Кризата почна уште по предвремените парламентарни и претседателските избори од април 2014 година, кога СДСМ реши да не го признае резултатот обвинувајќи ја власта за злоупотреба на целиот државен систем за партиски интереси и наместо во Собранието, реши да ја води политичката борба од улица. Работите се усвитија по аферата со прислушувањето и сомненијата за маштабен криминал што го открија т.н. бомби на Зоран Заев. Состојбата дополнително беше влошена со скандалозното помилување што им го даде претседателот Ѓорге Иванов на актерите од „бомбите“ и масовните демонстрации на т.н. Шарена револуција што ја предизвика тој чин.

Идејата беше благородна

Идејата за Пржинска влада беше компромис помеѓу власта и опозицијата кога државните институции, според прогрес-извештајот на ЕУ за Македонија во 2016 година, беа грабнати од тогашната владеачка партија односно се констатираше „заробена држава“ и постоеше комплетна недоверба дека режимот би можел да организира фер и демократски избори. Токму затоа се дојде до решението опозицијата да ги контролира клучните државни институции кои можат да се злоупотребат за изборни цели. Министерството за внатрешни работи, кое може да игра главна улога во спречувањето купување гласови, како и откривање секаков друг криминал и корупција поврзани со изборите, спречување насилство и обезбедување на регуларноста на изборниот ден. Министерството за труд и социјала, во кое може да се спречат наменски социјални трансфери за изборни цели. Министерството за финансии каде што протокот на парите треба да биде исклучиво за однапред определените намени, а не за изборна корупција. Министерството за земјоделие, кое поради големите субвенции исто така располага со механизми за партиска коруптивна кампања. Министерството за државна администрација кое е надлежно за вработувањата и може да биде злоупотребено за изборни цели.

Се разбира, перцепциите и сега не се променети. И сега опозицијата (ВМРО-ДПМНЕ) се сомнева дека власта ќе организира фер и демократски изборен процес, повикувајќи се на искуството од референдумот, кога лидерот Христијан Мицкоски обвини дека имало масовно полнење на кутиите во повеќе средини каде што живеат Албанци. А токму одржувањето на референдумот беше причината летото 2018 година да се донесат измени на законот за влада, кој го озакони правилото „Пржинска влада сто дена пред изборите“, на што ВМРО-ДПМНЕ инсистираше блокирајќи го изборот на составот на Државната изборна комисија, без кој не можеше да се одржат ниту избори, ниту какво било изјаснување на граѓаните.

Но во април 2019 г. се одржаа и претседателските избори, на кои опозицијата немаше суштествени забелешки за изборниот процес, а „Пржинската влада“ сепак остана задолжителна за организација на парламентарните избори.

Владата не е место за кавги

Зошто Пржинската влада не е техничка влада и зошто е лоша за Македонија?

Првата причина е дека смислата на техничката влада е амбиентот на политички конфронтации кој нужно со себе го носи предизборието, владата да го релаксира, а не да го вжештува. Токму затоа техничкиот премиер и министрите не треба да се занимаваат со политика туку со класично администрирање и преземање нужни активности во подготовка на изборниот процес. Кај нас, пак, како наследство од претходната Пржинска влада, министрите и нивните заменици продолжија меѓусебно да си поднесуваат кривични пријави, а веднаш по стапувањето на функција се насочија кон партиско-политички конфронтации, кавги, подметнувања и обвинувања за незаконско работење, што само ја подгрева недовербата на граѓаните во изборниот процес.

Второ, идејата министрите и дополнителните заменици меѓусебно да се контролираат, зашто не постои доверба кај опозицијата дека власта може да создаде услови и да спроведе фер и демократски изборен процес, не е добра за нашата европска перспектива, зашто не оддава впечаток на земја која треба да ги почне преговорите за полноправно члество со Европската Унија. Во некои земји членки на ЕУ, на пример во Италија, изборната администрација на централно ниво е сместена во Министерството за внатрешни работи. Такво нешто кај нас би било ерес ако се има предвид познатата изрека на Гордана Јанкулоска од „бомбите“ во предизборието за локалните избори 2013 – „МВРО-ВМРО“.

Трето, и покрај меѓусебното контролирање на министрите и дополнителните заменици, власта има механизам да ја заобиколи клучната причина за формирање Пржинска влада – спречување изборна корупција на гласачкото тело, предизборно вработување партиски кадри во државната администрација и сл. Неколку месеци пред изборите, Владата во буџетот предвиде зголемување на пензиите, на платите во здравството, што се поклопува токму со предизборието, а токму во овој период, заклучно со 12 февруари, кога истекува законската можност, според ВМРО-ДПМНЕ, се одвива масовно вработување главно на партиски кадри во државната администрација.

Четврто, составот на Пржинската влада – министри и дополнителни заменици од двете доминантни политички партии од власта и опозицијата, не овозможува вистински демократски предизборен амбиент, зашто од т.н. техничка влада главно слушаме два политички наративи– на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, што оди во прилог на двопартиска, а не на вистинска плурална демократија. Како може другите политички партии да имаат доверба дека за нив ќе има еднакви услови за изборен натпревар, ако СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се договорат условите во предизборието да ги скројат пред се за себе?

Пржинската влада покажува и други слабости во функционирањето поради недоволно јасните законски одредби кои треба да ги толкува Државната изборна комисија, а во случајот на именувањето раководни кадри во МВР, на што има право новиот „пржински“ министер од опозицијата, таа не сакаше да арбитрира дали дополнителната заменичка од СДСМ може да спречи именување раководител чиј глас се слушал во „бомбите“ и бил соработник на екс министерката Гордана Јанкулоска, поради што ДИК се прогласи за ненадлежна.

Едно од најлошите искуства од Пржинската влада, освен секојдневните препукувања, прес-конференции и обвинувања помеѓу министрите и дополнителните заменици, е партиско-политичкото обележување на професионалните кадри. Имено, решението новиот министер да смени 15 раководни кадри во МВР, со идеја дека таков масивен систем не може да го води само министер, туку му требаат соработници на повеќе места, е на прв поглед рационално, но остава лоши последици. Се разбира, не би било така ако министерот е технички експерт, но кога е тој партиски министер, именувањата се гледаат низ партиска призма. Сите кадри што сега ги поставил Наќе Чулев, дури и да се најголемите професионалци во МВР, сега ќе бидат политички обележани дека се „вмровци“ и нивната професионална кариера ќе биде доведена во прашање од некоја идна влада.

Непартиски технички премиер

Поради сите наведени како и други причини, потребна е промена на Законот за влада и на Изборниот законик, со која ќе се воведе правилото избор на автентична техничка влада која би владеела за време на предизборниот процес, од распуштањето на парламентот до формирањето нова влада. Во Грција, на пример, техничката влада трае колку и предизборната кампања, еден месец, зашто таму веднаш по изборите следниот ден се бира новиот премиер, и стапува на сцена новата политички избрана влада. Кај нас треба да се размисли за такво решение.

Техничката влада треба да ја води непартиски државен чиновник, или угледен судија, универзитетски професор, правен експерт или друга јавна личност која ужива углед на политички непристрасна личност, како што е во некои европски земји.

Во спротивно, Пржинската влада сто дена пред избори, ќе продолжи наместо техничка, да биде пиротехничка, зашто само ја зоврива и онака жешката и конфронтирана политичка сцена.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Зоран Димитровски

М-р Зоран Димитровски е новинар, политички аналитичар и уредник со долгогодишно искуство. Како стипендист на Фондацијата Отворено општество Македонија, во 1995 година магистрирал политички науки на Централно-европскиот универзитет во Будимпешта, Унгарија. Со новинарство почнал да се занимава уште од 1985 година во Студентски збор и Млад Борец, каде кон крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите години од минатиот век, заедно со група млади новинари учествувал во македонската демократска пролет, давајќи сопствен придонес со своите политички анализи.