fbpx

Кога е најдобро да се вклучи алармот за загадувањето од PM10?

Татјана Чакулев

Јавен интерес

25.01.18

Прегледи

Татјана Чакулев

Tatjana Cakulev 200x250Наместо да се чека два дена по ред РМ10 да се качат над 200 микрограми на метар кубен, мерките против загадувањето треба да се активираат еден ден пред да се очекуваат така високи вредности.

Дозволеното годишно и дневно ниво на PM10 во воздухот е одредено со директива на Европската Унија. За заштита од изложување на висока загаденост дефинирани се прагови на информирање и алармирање при чие надминување се активираат мерки. Целта на алармантните прагови за било која загадувачка супстанца е да се предупредат граѓаните, особено ранливите категории - доенчиња, деца, трудници, постари луѓе, луѓе со срцеви и белодробни заболувања, за нивното сериозно влијание врз здравјето, да се дадат препораки како да се избегне изложеноста и мерки како најбрзо да се намали загадувањето. Ефектот на мерките е поголем доколку се пониски вредностите на загадувачките супстанци.

Разлики и сличности, ЕУ и ние

Бидејќи во Европската директива за квалитетот на воздухот 2008/50/EC не постојат прагови на информирање и алармирање за PM10 и PM2.5, кај нас во првата Уредба од 22 јуни 2005 донесена од Владата на РМ со тогашниот претседател Владо Бучковски, прагови на алармирање се дефинирани само за SO2, NO2 и озон. Поради немање на унифициран праг како дел од ЕУ директивата, секоја земја посебно, ако има проблем со надминувањето за PM10, дефинира сопствен праг на алармирање. Најчесто тие се 70, 80 или 100 микрограми на метар кубен (µg/m3) за 24 часа, иако кај некои алармот се вклучува и кога има надминување на дозволеното ниво од 50 µg/m3, на пример, после 2 дена по ред во Auvergne-Rhône-Alpes, Франција, после 3 дена во Барселона или после 10 дена во Ломбардија и Пиемонт, Италија. Алармот се вклучува и за пократко време, како во Чешка и Словачка, после изминати 12 часа над 150 µg/m3, кои се т.н. подвижни концентрации. Полска е единствената земја која има повисок праг на алармирање од нашиот - 300 µg/m3, но се чека само 24 часа, а не два дена како кај нас кадешто зависно од прогнозата за времето за недефиниран нареден период може и да нема вклучување на алармот.

Кога сме кај условот прогноза на стабилно време, таа во најголем број на европски земји е дефинирана како 24 часа после предвидениот или измерениот праг. Кај нас, периодов, се покажа проблематично што прогнозата за стабилно време е дефинирана за нареден период (што и да значи тоа), а не конкретно за 24 часа, 2 дена и слично. Од друга страна, претходниот праг на алармирање за PM10, од 25 декември 2012, предложен од Интерсекторската работна група за квалитет на воздух, имаше јасно дефиниран период од наредни 5 дена стабилно време, со појава на магла. Еден од водечките фактори при дефинирање на прагот е фискалната импликација на алармантната состојба. О2 Коалиција уште во април 2017 достави до Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) забелешка за неприфатливоста на недефинираниот период, кој остава простор за манипулација во однос на тоа дали ќе се прогласи или не алармантна состојба, но таа не беше прифатена. Заклучокот кој се наметнува е дека вака недефинираниот период е оставен свесно.

Бројот на станици каде треба да е измерен прагот, поставен како услов во некои европски земји, е најчесто две. Меѓутоа, се работи за поголем број станици, како на пример, 70 во Париз, 10 во Барселона, во споредба со нашиот услов за 2 станици во Скопје, ама од вкупно 5.

Тоа е за условите кога се прогласува алармантна состојба за PM10. Но, што е со условите за прогласување на прекин на мерките и со тоа крај на алармантната епизода? Тие во европските земји се дефинирани со одредување колку треба да паднат PM10 вредностите и времетраењето до кога се очекува да се задржат - некаде со прогноза, некаде со измерени вредности - дали 24 часа, 2 дена и слично. Кај нас отсуствува дефиницијата на условите за тоа кога се смета алармантната епизода завршена, што е уште една недореченост.

Предноста на прогнозиран праг на алармирање наспроти измерен праг

Доаѓаме до прашањето кога е најефикасно да се активира прагот на алармирање и кога мерките ќе имаат најголем ефект? Во голем број европски земји не се чека да поминат 24 часа или два дена за дадениот праг за РМ10, туку мерките се активираат ако е прогнозирано надминување на прагот најчесто 24 часа пред почетокот на предвидената алармантна епизода. Во наши услови тоа би значело наместо да се чека 2 дена по ред РМ10 да се качат над 200 µg/m3 (а додека се прогласи алармантната состојба и да стапат на сила мерките изминал и поголемиот дел од третиот ден), мерките да би се активирале еден ден пред да се очекуваат така високи вредности. За Скопје и други котлински градови, тоа е најчесто врзано со појава на температурна инверзија во тек на зимските месеци кога струењето на воздухот е незначително. Ако мерките се соодветни на причините на загадувањето, тогаш РМ10 нема да ги достигне вртоглавите вредности кои добро ги познаваме и кои еднаш достигнати, тешко се спуштаат без промена на временската состојба, односно кога загадувањето би се дисперзирало со помош на ветер, дожд, снег и слично. Во тој случај, редукцијата на загадувачките емисии би започнала пред да настапи епизодата, а не потоа.

Поради овие причини, многу европски земји покрај измерената вредност за РМ10, имаат и прогнозирана вредност за наредните 3,5 дена. Малкумина знаат дека и ние имаме таков вид на прогнозирање - можеби не така детално, но сепак прогноза за очекуваното загадување.

prognoza za PM10Прогноза за РМ10 за време на алармантна епизода. Извор: SILAM на МИЦЖС

Македонскиот информативен центар за животна средина при МЖСПП дава прогноза за наредните 72 часа за РМ10, РМ2.5, SO2, NO2, CO и озон. Меѓутоа она што е прогнозирано и она што се случува на терен е многу различно - прогнозираното покажува пониски вредности дури за 200 единици при алармантни епизоди. Моделирањето не дава точна прогноза за РМ10 дури ниту на неколку часа однапред, а изминатите две аларманти епизоди не ги предвиде. Затоа е потребно подобрување на системот.

ЕУ забрзува, ние во лер, со единствена спојка - ЕУ директива

Европските земји имаат прагови за РМ2.5, сѐ пософистицирани и подетални мерења, го ограничуваат не само дневното туку и часовното изложување на РМ10 и РМ2.5 и користат прогнозирано загадување за активирање на мерки при алармантни состојби за да избегнат епизоди со високо загадување. Понатаму, во европските држави се бара да се воведе влијанието на загадувањето во пик часовите од денот, да се намалат граничните вредности во согласност со Светската здравствена организација и да се воведе мерење на нови загадувачки супстанци, како што се ултра-фините нано честички помали од 0.1 μm (UFP) и црниот јаглерод (BC). Во Македонија, пак, беа потребни 12 ипол години за да се внесе праг на алармирање за РМ10 во уредба, 6 години откако тие требаше да бидат доведени во границите на дозволеното, не го мериме ниту она што мораме според ЕУ директивата и го одлагаме, наместо да го решиме проблемот со високото загадување. Дневните, часовните и праговите на информирање и алармирање за РМ2.5 не се ни на далечна листа за натамошно регулирање.

За почеток, за прагот за алармирање за PM10 треба да се дефинираат периодот за стабилна временска состојба во Уредбата и условите за крај на алармантната епизода, да се отстрани условот од 2 мониторинг станици сѐ додека нивниот број во Скопје е мал, да се подобри моделирањето и да се користи прогнозата за РМ10 при прогласување на алармантна состојба.

Воедно евалуацијата на ЕУ директивите за квалитет на амбиентниот воздух (2004/107/EC и 2008/50/EC) е во тек. Резултатот може да биде воведување на унифициран праг на информирање и алармирање за РМ10, а кој и Македонија ќе мора да го усвои и примени, и на тој начин ќе биде принудена да го забрза решавањето на високата загаденост на воздухот.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Татјана Чакулев

Татјана Чакулев e претставник на О2 Коалиција, граѓанска иницијатива за чист воздух, намалување на загадувањето на почвата и водата, заштита на биодиверзитетот, природата и заштита од ефектот на климатските промени.