fbpx

Зошто популизмот им е потребен на зелените движења?

Иво Босилков

Политика

19.08.19

Прегледи

Иво Босилков

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

Од предрасудите кои постојат во однос на политичките идеологии, две имаат посебно длабоко вкоренет карактер. Првата е дека популизмот по правило е патолошки симптом во политиката и закана за демократијата. Мазната симбиоза на популистичките принципи со радикалната десница ја има изградено лошата репутација на популизмот, преку општата перцепција дека тој е виновен за создавањето на поделби и реториката на омраза. Вистината е сепак многу покомплицирана. Всушност, за овие тенденции вината ја сноси единствено радикалната десничарска идеологија, во чија корист се инструментализира популизмот. Сам по себе тој не е ништо повеќе од алатка, чија функција зависи од рацете во кои ќе биде ставен.

Вториот идеолошки мит е дека зелените политички опции секогаш биле и секогаш ќе бидат маргинални на политичката сцена. Две различни логики водат кон овој ист заклучок. Првата е дека било каква партија чија фундаментална ориентација е животната средина, може единствено да претставува ограничена група гласачи, кои главно се космполитски настроени, се карактеризираат со високо образование и живеат во урбани средини, и поради таквата специјализација, пораката на една ваква партија не може да допре до поширокиот електорат. Втората логика е дека зелените партии премногу лесно се помируваат со системот, прифаќајќи да бидат коалициски сателити на центристичките гиганти, со што вршат предавство на сопствената кауза, а нивниот кредибилитет како политички актер автоматски исчезнува.

Во оваа критика има делумна вистина. Истражувањата покажуваат дека демографскиот пресек на зелениот гласач е навистина таков каков што укажува првата логика. Околу втората логика, доволен доказ е зелената партија токму кај нас, која повеќе од една деценија е безгласна буква во скутот на етаблираните партии, прво на демохристијаните а потоа и на социјалдемократите. Меѓутоа, ваквата поставеност не мора да биде фиксирана, исто како што и улогата на популизмот може да биде во насока токму на освежување на демократијата. Всушност, судбината на овие две потенцијални парадигматски промени, е меѓусебно поврзана.

Популизмот не е проблемот

Тајната на успехот на популизмот е неговата способност да го сведе политичкиот натпревар на морален конфликт во кој едната страна ги поседува сите доблести, а другата е природно зла и корумпирана. Таквата интерпретација на политиката наидува на критика од доминантната либерална мисла, која ја отфрла популистичката логика како поедноставување на едно исклучително комплицирано плуралистичко општество. Иако теоретски ова е точно, она што либералните критичари одбиваат да го признаат е фактот дека популистичкиот феномен се манифестира секогаш кога општеството достигнува одредено критично ниво на класна нееднаквост и институционална нетранспарентност. Во таквиот контекст на екстремна раслоеност меѓу “привилегираните” и “обесправените", кај вториве се мобилизира чувството на неправда, артикулирано низ нови социјални движења и последователни драматични поместувања на политичката сцена.

Кажано поедноставно, проблемот не е популизмот, туку она што му претходи. Всушност, тој може дури да биде и решение, ако со него располага актер кој резигнацијата од неправдата би ја канализирал во прогресивна кауза. Причината за тоа е што популистичкиот крик го распламтува ентузијазмот за учество во политиката, и ја враќа вербата во моќта на колективот да ја промени постоечката состојба. Оние кои се згрозени од помислата дека популистичкиот пристап може да биде коректив на демократијата, треба да се запрашаат дали во нивната демократска визија граѓаните се само цинични, пасивни субјекти кои треба да се помират со сопствената беспомошност и да им ја остават политиката на оние на кои им претставува кариера.

Еволуцијата на зелената политика

На општо задоволство на тие згрозени “антипопулисти”, кај нас таков актер, кој би ги понудил лековитите наместо отровните својства на популизмот на политичкиот пазар, се уште не постои. Меѓутоа во некои од земјите на Запад, ваквиот политички стил почнува да фаќа корен онаму кај што речиси никој не можеше да очекува - кај движењата посветени на животната средина. Во услови на глобална еколошка деградација која без сомнение ќе кулминира во не толку далечната иднина, пионерите на ваквиот пристап доаѓаат од новите генерации. Американската политичка ѕвезда во подем, Александрија Окасио Кортез го претвори во свој заштитен знак повикот за “Грин Њу Дил”, кој во комбинација со нејзината дрска харизма брзо ја промовираше во најнадежниот ривал на Доналд Трамп. Во Европа пак, уште помладата Грета Тунберг е инспирација за милиони млади кои секој петок ја следат во борбата против климатската криза.

Извор: engineering.stanford.edu

Окасио-Кортез и Тунберг се предвесници на трансформацијата низ која поминува зеленото политичко движење, со која повторно станува актуелно на изборната арена. Зелените ги добија симпатиите од средната класа по нивното појавување на сцената во 80-те години како еманципаторно, антиконзумеристичко и пост-материјалистичко грасрутс движење. Но денес социополитичкиот контекст е далеку поинаков: егзистенцијалната битка е посурова, а дистанцата меѓу социјалните касти многу поголема. На последново се придодадоа и зелените, преку напуштањето своите алтернативни, радикално антисистемски корени и претопувањето во естаблишментот, со што ја изгубија својата релевантност.

Меѓутоа амбиентот на несигурност кој доминира на глобално ниво е прилика за враќање на овие корени, особено што голем удел во создавањето на тој амбиент е потенцијалната климатска катастрофа во наредните децении. Недвосмисленото укажување на овој факт е редовна практика на Грета Тунберг, како што е и нејзиниот емотивен апел дека “време е за паника”. Според политиколозите кои го истражуваат популизмот, потенцирањето на кризниот момент и умешноста на афективната персуација се клучни елементи во создавањето на нови политички идентитети кои ги обединуваат различните интереси. Конечно, артефакт на овие нови популистички влијанија е и реактивацијата на оригиналните зелени принципи - директна демократија и плебисцитарно одлучување.

Преку фузијата на зелената идеологија и популизмот до социјална промена

На овој начин популизмот ја комплементира зелената идеологија и ја одвлекува од маргините, преку зацврстување на нејзината автентичност, поедноставување на нејзината порака и создавање на инклузивна, но хомогена целина, дефинирана не како нацијата на десните популисти, или класата на левите, туку “граѓаните на кои светот им останува”. Подготвеноста на компромиси ја разводни визијата на зелените, но јасното посочување на виновникот за уништувањето на животната средина (а со тоа и сите општествени механизми) во спрегата на корпоративните елити и корумпираните политичари, претставува спас за таа визија, и катализатор на мобилизација и социјална промена.

Македонија е неверојатно сликовит пример за целата оваа динамика. Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси. Од друга страна, локалните активистички битки, како тие против рудниците во Струмичко, за спас на Охридското Езеро или заштита на шумите на Водно се во драматичен контраст со општата политичка состојба на зомби-демократија. Овие битки ги води авангардата на “граѓаните на кои светот - или државата - им останува”, која зрачи со свест, страст и организациски капацитет. Кога овие фрагментирани ќелии ќе созреат доволно, ќе се поврзат и ќе застанат позади заедничка национална еко-политичка платформа, ќе ја редефинираат не само политичката сцена во земјава, туку и самото значење на популизмот како поим.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иво Босилков

Иво Босилков е доктор по политички науки од Универзитетот во Милано, со специјализација во областа на медиумски ефекти врз јавното мислење. Магистрирал во областа на политичката комуникација на Универзитетот во Амстердам, како дел од програмата Еразмус Мундус за новинарство, медиуми и глобализација. Работи како истражувач во Центарот за југоисточно европски студии во Грац и има објавено трудови во неколку меѓународни научни списанија.