fbpx

Од еколошка држава до соништа за нафта

Наташа Ковачевиќ

Животна средина

22.03.19

Прегледи
ALB  CNR

Наташа Ковачевиќ

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

Црна Гора беше прогласена со Устав како еколошка држава уште во далечната 1991 година. Освен тоа што сме првата и единствена земја во светот со ваква уставна определба, нашиот развој го засноваме на туризмот и слоганот „дива убавина“, од која денес се собира 23 отсто од бруто домашниот производ. Бројките изгледаа надежно, исто како и најновиот извештај на Светската туристичка организација, во кој се вели дека до 2025 година околу 75 000 луѓе би можеле да работат во туристичкиот сектор.

За жал, како што често се случува во малите и затворени земји во транзиција, некој во владата добил идеја, по 70 години од неуспешното истражување за нафта и гас од морското дно, да се наврати на овој високо ризичен и високо профитерсаки проект. Така, извршната и законодавната власт во Црна Гора во истата година презеде не толку чесен потег на потпишување, од една страна договори со нафтените магнати “Eni – Novatek” и “Energean Oil and Gas” за отворање на првите експлоатации во црногорското море, а од друга страна уште еден договор за климатските промени со кој се потврдува дека постепено ќе се става крај на употребата на фосилни извори, како што потврдиле и останатите 200 земји кои се обврзале со истиот договор. Наведените договори се потпишани за период од 30 или повеќе години, и истите веројатно значат целосна исцрпување на овој фосилен ресурс, без оглед на европската определба за сведување на емисиите на стакленички гасови на минимум до 2050 година, која определба и ние ја презедовме со потпишување на договорот.

Штетите за живиот свет, риболовот и туризмот

Ситуацијата денес е таква што истражувањето во шест блокови за нафта и гас во водите на Бар и Улцињ се вршат веќе 40 дена, 7000 удари од звучни топови се повторуваат секој ден на морското дно, а ова е само почеток. Последиците врз морската биолошка разновидност и екосистемот се значајни, но недоволно истражен, така што ние не знаеме што сè губиме во моментов. А штетите за дивиот свет, риболовот и туризмот се очигледни, бидејќи само еден звучен топ, за потребите на истражувањето, произведува бучава што е подеднаква на бучавата што ја произведува млазен авион, поточно 260 db. и со подводната детонација на топовите се предизвикува напукнување на слушните органи на морските цицачи (китовите, делфините, средоземните фоки наречени морски мечки), потоа оштетување на органите за рамнотежа на рибите, распрснување на малите риби и распрснување на органите на желките и на младите примероци на морски животни итн. а штетата достигнува дијаметар од 60km.

Штетното влијание на бучавата врз рибите и безрбетниците е најдобро илустрирано во најновиот извештај на швајцарските експерти од Ocean Care, во кој се наведува дека по спроведените нафтени истражувања, рибарите губат дури до 50 проценти од комерцијалниот улов на риба со конусна мрежа и 70 проценти од уловот на јадица во подолг временски период, и затоа првите директни последици се очекува да се видат во риболовот од кој зависат околу 1 000 рибари, луѓе што се занимавааат со рибарството, аквакултурата, преработка и угостителство, како и голем број на локални заедници на црногорското крајбрежје.

Извор: kamatica.com

За жал, погодената риболовна и туристичка заедница не ги добила информациите преку формалните процеси на јавни расправи, за тоа какви последици ги очекуваат во врска со ризикот од загадувањето на морето, за влијанието врз туризмот и риболовот како примарна дејност од која заработуваат приход, но и за иднината на исхраната, здравјето и квалитетот на животот. Во Студијата за влијанието врз животната средина што е направена за потребите на Министерството за економија на Црна Гора се вели дека во текот на сеизмичките истражувања и пробните дупчења се предизвикува кревање на талогот од дното, ослободувајќи штетни и радиоактивни материјали од длабоките слоеви на дното (радон, олово, кадмиум, радиум 226, 228) и технолошки адитиви кои се акумулираат во рибите и другите видови, според тоа тие се штетни за здравјето на луѓето при консумирање.

Сепак, најголемите опасности доаѓаат од процесот на експлоатација, каде што несреќи како онаа во Норвешка, што е земја со високи стандарди, во 1977 година, кога се излиле 80000 барели нафта, со што целосно би се покрило нашето мало и затворено море, а при само еден таков испуст, би било доволно половина час за истиот да стигне до брег што е оддалечен од 3 до 10 километри. Дури и за време на редовните операции, доаѓа до истекување на нафта во просек 1-4 пати годишно, додека посебна опасност е преточувањето и транспортот на нафта и гас со танкери, цевководи на дното на морето, редовни гасни експлозии на платформи и слично. Во истражувањата се наведува зголемена опасност од индуцирани земјотреси во регионот на Црна Гора што и онака е сеизмолошки исклучително чувствителен регион а првите истражувања ќе се извршат токму во сеизмички најчувствителната подморска област крај Улцињ (9-ти степен).

Плакнење на свеста на граѓаните

Црна Гора нема ниту човечки капацитети ниту опрема со бродови и сл., за следење и контрола на операциите со нафта и гас, односно препуштени сме на волјата на инвеститорот. Така, на пример, сестринската фирма AGIP во 2013 година забележала дури 471 опасност поврзани со истекувања на нафта, а минатата година уапсени се 6 работници на ENI во регионот Базиликата, Италија, кои се обвинети за шверц на индустриски отпад од платформата, а оваа година 15 високи функционери во Италија обвинети се за коруптивни дејствија во Нигерија. Станува збор за компанија на која најзначајните наоѓалишта ѝ се во земји од третиот свет, како што се Мозамбик, Гана, Конго и Нигерија, и каде неодамнешното изливање на нафта во Нигерија тешко ги погоди локалните жители кои зависат од риболов, земјоделство и туризам. Изјавите на инвеститори со ваква биографија и клаузулите на договорот за „осигурување во случај на штета, максимална безбедност и задоволување на најстрогите меѓународни стандарди“ не претставуваат голема утеха за обичниот граѓанин. Резултатите од стандардите кои ни се нудат може да ги видиме во речната делта на Нигер, која неповратно изумира, додека владата на Нигерија проценува дека за делумна санација на областа потребна е една милијарда долари и 30 години, а компанијата ENI нема соодветен одговор или реакција за настанатата ситуација.

Наместо последиците од нафтените истражувања и изградбата на нафтени објекти да се прегледуваат научно, особено нивното влијание врз одржливоста и развојот на главната економска структура на општеството во однос на важечките стратегии за развој и меѓународните обврски, на јавните расправи на неколкумина збунети рибари и на граѓаните им се замачкуваат очите со примери од Кавала во Грција и со делфин кој плива околу Тасос, додека не се споменува примерот на делтата на Нигер, Заливот на Мексико и други области кои се трајно уништени поради истекување на нафта од платформи и нафтоводи и каде квалитетот на животот на граѓаните е под секое ниво. Ниту еден пример за последиците од нафтените несреќи при истражување и експлоатација на јаглеводород, особено во области подложни на земјотреси не можеше да се чуе во текот на јавните расправи, а за прекуграничните влијанија не се зборува. Континуирано се плакне свеста на граѓаните преку некаков паушално претставен пример од експлоатација на нафта во Грција а не се споменува фактот за должината на грчкото крајбрежје од преку 13600km отворено море, споредувајќи ги со нашите 297km, на чие подрачје се концентрирани сите наши мрестилишта на риби, туристичките објекти, природните ресурси, морскиот свет, археолошките подводни наоѓалишта, пловните патишта и слично.

Каменото доба никако да заврши

Не само граѓаните на Црна Гора, туку и на сите земји на Јадранот, немаат никакви гаранции дека нема да дојде до истурање нафта и уништување на биолошката разновидност во морето и на крајбрежјето. Црна Гора нема опрема и човечки ресурси и не е во позиција да врши надзор на танкерите за нафта, нафтоводите, конверторските постројки, платформите, постројките за преработка на сурова нафта итн. Како ли ќе го контролира работењето на меѓународните нафтени корпорации, како што е ENI, која има повеќе од 400 изливи на нафта годишно и тоа во крајбрежни области што се многу подложни на земјотреси.

Во ерата во која сите напредни земји во светот ја напуштаат употребата на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и активирање на најголемата закана во светот за морската биолошка разновидност. Значи, во Црна Гора никако да помине каменото доба, а скоро е сигурно дека ќе престане да постои еколошката држава.

Нашите 40 организации, обединети во мрежата Еден Јадран од Хрватска, Италија, Босна и Херцеговина, Албанија и Словенија, се борат веќе четири години за воведување на мораториум за истражување и експлоатација на нафта и гас од Јадранското Море и нема да се откажеме, верувајќи дека чистата животна средина претставува капитал на јадранските земји кој и на граѓаните им гарантира добар квалитет на живот. Нашата мисија е да ја информираме јавноста за негативните последици од овие активности и да мобилизираме што е можно повеќе граѓани, експерти, европски и меѓународни институции во борбата за азурно сината боја на Јадранот и за Јадран без нафтени платформи.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Наташа Ковачевиќ

Наташа Ковачевиќ е дипломиран правник и е во фаза на финализација на магистратурата за заштита на животната средина на Природно-математичкиот факултет во Црна Гора. Од 2003 година работи во НВО ”Green Home” достигнувајќи го нивото на виш експерт за одржлив развој и политика за животна средина. Автор е и коавтор на повеќе истражувачки трудови за политиката за заштита на животната средина и на природата и член е на IUCN CEL (Комисија за закони за животна средина), Националниот совет за одржлив развој на Црна Гора, како и преговарачката работна група за Поглавје 27 – Животна средина во рамките на процесот на пристапување на Црна Гора кон ЕУ. Во последните три години работи како Главен извршен директор во Green Home, одговорна за стратешкото планирање и јавната застапеност.