fbpx

Даночни олеснувања за развој на македонскиот спорт преку спортски ваучери

Иван Анастасовски

Спорт

08.04.19

Прегледи

проф. д-р Иван Анастасовски

Владата преку Законот за даночно олеснување или т.н. „спортски ваучери“ настојува да ги стимулира стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот без оглед дали е тоа на локално или на национално ниво.

Државата од пред некоја година започна со преструктуирање на спортскиот систем, односно со преминување од интервенистички модел на финансирање во спортот (карактеристичен за постсоцијалнстичките општествени системи) во неинтервенистички модел (типичен за капиталистичките општествени системи како Велика Британија и САД). Ова е одлична можност за редефинирање и подобрување на спортот во сите негови сегменти: игра, резултати, структура и менаџмент. Иднината на македонскиот спорт е во начинот на финансирањето и инвестирањето во него како основни алатки за неговото ефикасно функционирање и егзистирање.

Имено, долги години како рецидив од минатиот политички систем на уредување, спортскиот систем беше организиран и развиван со помош од државните или локалните власти, односно со интервенистички начин на финансирање. Тоа навидум генерира солидни спортски резултати за јавноста, но сепак поголемиот процент од спортските колективи финансиски колабираат и доживуваат сериозни организациски проблеми. На пример, женскиот ракометен клуб „Кометал - Ѓорче Петров“ кој во 2002 година стана европски шампион во ракомет, денес не постои. Или фудбалскиот клуб „Вардар“, најголемиот спортски бренд во државата, поради проблеми со раководењето и функционирањето, секоја година се соочува со исти финансиски проблеми.

Примери од систем на даночни ваучери низ светот

Еден од начините за финансирање на спортот е преку ваучери. Примери на системи на даночни ваучери во спортот во светот има многу.

Повеќе од половина милион родители во Нов Јужен Велс (Австралија) можат преку „Интернет ваучерот“ да аплицираат за ваучер за секој ученик запишан на училиште. Властите свесни дека занимавањето на децата со спорт и други физички активности може да го оптовари домашниот буџет, ја понудиле програмата „Активни деца“ за да им ги ублажува трошоците на родителите. Родителите можат да се пријават по електронски пат за да добијат ваучер во вредност од 100 долари кој ќе можат да го достават на претходно одобрени клубови или организации кои нудат спортски или физички активности.

Во Финска, вработените во компанијата „Еденред“ можат да нарачаат рекреативни ваучери преку интернет порталот Edenred.fi кои се прифаќаат како платежно средство во над 6.500 рекреативни места кои припаѓаат во услужната мрежа на компанијата. Вредноста на ваучерите изнесува 10 или 5 евра. Но, луѓето можат да имаат и рекреативна корист за лични потреби до 400 евра по лице без данок и со одбивање на трошоците при оданочување.

Извор: SPORTM.mk

Што предвидува Законот за даночни олеснувања во спортот

Секој правен субјект во областа на спортот, односно спортските организации, спортските федерации, спортските клубови и спортистите во индивидуални и во екипни спортови, од оваа година ќе можат да бидат дополнително помогнати со владиниот проект „Спортски ваучериучери“, со кој се обезбедени шест милиони евра за инвестирање во развојот на спортот. Правните субјекти ќе можат да искористат даночни олеснувања до 50 проценти од средствата кои треба да ги платат во Управата за јавни приходи врз основа на данок на добивка. Владата смета дека предвидените шест милиони евра ќе претставуваат добра основа за инвестирање, која во наредните години би се зголемувала во согласност со можностите и средствата за помош на спортот.

Со измените на Законот се предвидува доделувањето на овие финансиски средства (кои не се мали), да подлежат на контрола која ќе ја врши надлежно стручно тело во рамките на Агенцијата за млади и спорт. Но исто така се предвидуваат соодветни критериуми или категоризација при доделувањето на т.н. „спортски ваучери“ што ќе биде контролирано од Владата преку државните инстутуции кои имаат надлежност во делот на финансирање и донации во спортот, како што се Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Министерството за правда и Агенцијата за млади и спорт. Овие институции треба да бидат вклучени особено во делот на комлетирање на документацијата и издавање на спортски ваучери на спортските федерации и клубови во колективни и индивидуални спортови. Владата во законот ги детерминира вистинските вредности и секако условите за доделување на овие дополнителни средства одвоени од државниот буџет.

Посебни правила за оданочување на донациите

Со новите измени на Законот за данокот на добивка, финансиските донации за спортските федерации, Македонскиот олимписки комитет и спортските клубови се ослободени од данок. Даночното ослободување официјално стартуваше со фискалната 2017 година. За да бидат ослободени од данокот на донираните финансиски средства, спортските клубови треба да се натпреваруваат во национален систем на натпревари кадешто има организирана лига и да имаат регистрирана и активна младинска школа. За донации на најмногу еден спортски клуб во календарската година кој не учествува во организирана национална лига, на обврзникот му се намалува пресметаниот данок само до 5 отсто од износот на дадената донацијанок.

Со новиот Закон за данокот на добивка се ослободуваат од данок и финансиските донации во корист на активни спортисти. На оној кој донирал финансиски средства на активни спортисти од олимписките спортови и кои таквиот статус го стекнуваат според услови и критериуми пропишани во Законот за спорт, му се намалува пресметаниот данок најмногу до 10 отсто од износот на донацијата. За донација на активни спортисти од неолимписки спортови, пресметаниот данок се намалува за најмногу до 5 отсто од износот на донацијата.

Средствата од даночното поттикнување, меѓу дрогото, ќе се користат за плати, надоместоци и бонуси на спортистите и стручниот штаб на клубот, за здравствена заштита, пензиско осигурување и надоместок во несреќен случај, за набавка на опрема и реквизити, за организирање меѓународни натпревари и патувања заради натпреварувања, подготовки, стручни семинари, конференции и усовршувања, за котизации и членарини во меѓународни тела, за изнајмување или изградба на сали или терени за натпреварување, за изнајмување деловен простор за работа на спортскиот клуб во износ не поголем од 10 проценти од добиените средства годишно, како и за отплата на кредит за купување сопствени простории на клубот во износ не поголем од 20 проценти годишно од добиените средства. Доколку се купат простории за спортскиот клуб со овие средства, тие не смеат да се стават под хипотека (освен хипотека кон банката за купување или изградба на објектот) и не смеат да се отуѓуваат најмалку 15 години од денот на нивното купување.

Законот им забранува на Националната спортска федерација, Македонскиот олимписки комитет, спортскиот клуб или активниот спортист по било која основа да ги вратат средствата со кои трговското друштво учествува во финансирање на спортските субјекти во истото трговско друштво или во трговско друштво со кое друштвото е капитално или управувачки поврзано, или е во сопственост или управувано од лице во роднинска врска во сите линии до втор степен со лице од трговското друштво, вклучувајќи и трошоци за стоки и услуги. Средствата со кои трговското друштво учествува во финансирањето на спортските субјекти, подлежат на ревизија најмалку еднаш во период од три години од страна на Државниот завод за ревизија. За незаконско користење на овие средства преддвидено е да се одговара кривично.

Заклучни размислувања за даночните олеснувања во спортот

Владата преку Законот за даночно олеснување или т.н. „спортски ваучери“ настојува да ги стимулира стопанските субјекти да го пронајдат сопствениот интерес за инвестирање во спортот без оглед дали е тоа на локално или на национално ниво. Најважно ќе биде начинот на имплеметација на законот, односно да им се доближи и поедностави на стопанствениците заради нивна поуспешна деловна соработка со спортските федерации и клубови. Сето ова треба да покаже и колку од раководните структури во спортските федерации и клубови се професионални, каков капацитет имаат и колку се спремни да ги убедат стопанствениците да инвестираат во спортот или во нивната организација.

Државата го направи своето. На ред е менаџментот во спорт.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Иван Анастасовски

Проф. д-р Иван Анастасовски e продекан за наука и меѓународна соработка на Факултет за физичко образование, спорт и здравје.