fbpx

Кога родово сензитивниот јазик е применлив во македонскиот јазик?

д -р Ненад Живановски

Политика

09.02.19

Прегледи

ALB

д-р Ненад Живановски

nenad ziavainovski„Граѓанки и граѓании сограѓанки и сограѓани“, може да се прочита во колумна, во која авторот овие зборови опсесивно ги повторува до баналност и по десетина пати, веројатно понесен од желбата да ја покаже својата наклонетост кон родово сензитивниот јазик. Меѓутоа, во истиот текст, авторот ја употребува и синтагмата „криминалците од ВМРО-ДПМНЕ“, со што ја напушта својата доследност во примената на родово чувствителниот јазик, одредувајќи ја криминогеноста како иманентна за машкиот пол, при тоа занемарувајќи дека во перцепцијата на многу читатели Гордана Јанкуловска, Елизабета Канческа-Милевска, Силвана Бонева, Даниела Рангелова веќе се препознаени и како „криминалките од ВМРО-ДПМНЕ“.

Дозволена ли е ваква волунтаристичка и селективна употреба на родово сензитивниот јазик, според сопствено нагаѓање и лични афинитети каде да се употреби, или за него треба да се почитуваат одредени јазични нормативи кои, освен од влијанието на глобалните либерални тенденции, приоритетно треба да се потпираат на домашната лингвистичка стандардизација?

Благородна цел или тоталитарно убедување?

Едно од главните обележја на политичката коректност, на кое неговите застапници и приврзаници инсистираат, е и почитувањето на родово сензитивниот јазик (gender-sensitive language). На сајтот на Европскиот институт за родова еднаквост тој се дефинира како „остварување на родова рамноправност во пишуваниот и говорен јазик која се постигнува кога мажите и жените, како и личностите кои не припаѓаат на бинарниот роден систем, постануваат видливи, како и кога во јазикот кон нив се постапува како кон личности кои се еднакво вредни, достоинствено, со интегритет и почитување“. Тој претставува изразување кое ги почитува начелата на родова рамноправност и подразбира, меѓу другото, и обраќање кон група со потенцирање на нејзиниот диверзитет по родова припадност, како и употреба на занимања и професии во женски и машки род. Би рекле, ништо ново што и досега не било практикувано во јавниот дискурс, интуитивно обраќајќи му се на оној кој нѐ лекува, учи, раководи ако е од женски пол со „докторке“, „учителке“, „директорке“, „шефице“. Исто како што во времето на социјализмот половата различност на групата се потенцираше со „другарки и другари“, а во демократијата со „дами и господа“ и „госпоѓи и господа“.

Секако дека нема ништо лошо во таквиот родово сензитивен јазик, кога тој е прифатлив и родово афирмативен и доколку остане само на препорака која ги уважува спецификите и говорната пракса на јазикот во една држава т.е. таму каде може да се примени да се усвои како пракса. А во случаите каде е неприменливо да се запази постојната стандардизација на јазикот. Меѓутоа, проблем може да настане кога застапниците на политичката коректност (кои многу често оставаат впечаток во јавноста дека се заедници и организации со тоталитарни гледишта и убедувања) почнат да креираат состојба за она што би требало да биде препорака, суптилно да постане директна интервенција во јазикот и неговата јавна употреба и (не)стручно почнат да пропишуваат правила за нормирање и стандардизирање на јазикот. Најчесто со благородна цел за да би се елиминирала праксата за промоција на родовата нерамноправност.

Субјективен впечаток е дека дискурзивната пракса која е присутна во нашето општество има тенденција без јавна дискусија родово сензитивниот јазик да се применува во јавниот дискурс, најпрво и највеќе од страна на граѓанските активисти и невладините претставници, и со тоа да се наметне како пракса која е стандард кој треба да се почитува од сите, со реална опасност нејзиното неприменување директно да стигматизира дека сте противник на политичката коректност, противник на рамноправноста на жените, па и мизоген. Во така креираниот неприроден јазичен реалитет, потоа и фокусот на дискусија може потполно да се измести: наместо да се постави прашањето како се случило да постане јазична пракса нешто што не е јазично стандардизирано од страна на лингвистичките учени, темата да е политичката некоректност на авторот, кој во својот напис не се придржувал до правилата за родово сензитивен јазик.

Граѓаните не се поделени само според полот

Што вели лингвистиката, конкретно за спомнатиот пример со „граѓанки и граѓани“? Во македонскиот јазик именката граѓани иако е од машки род, таа не се однесува само на мажи, туку тоа е плурал од граѓанин како апстрактна категорија и означува збир, група од луѓе припадници и на двата пола. Исто како што и политичари не значи само мажи кои се инволвирани во политиката, туку множество од луѓе (и жените се луѓе!) кои се занимаваат со политика. Или, пак, државната операција попис, во која се попишуваат „само“ жители, а не и жителки, а сепак ја вклучува и женската популација.

Оваа диференцијација во именката граѓани не оди само по линијата на половата припадност, туку и по други одредби како старосно доба, степен на образование, етничка и верска припадност како и други спецификуми кои ги прават луѓето различни меѓу себе, а сепак сите да се собрани под чадорот граѓани. Всушност, прифаќањето дека именката граѓани во тоталитет го опфаќа севкупното население од двата пола, е вистинскиот политички коректен избор, за разлика од употребата на граѓанки и граѓани, која е експлиците дискриминаторска одредница бидејќи ги исклучува, на пример, личностите кои не припаѓаат на бинарниот роден систем.

Или, пак, што со оние кои живеат во село и не се идентификуваат со граѓанки и граѓани, а се читатели на кои им се обраќате? Ќе се редат ли тогаш во списокот сите на кои им се обраќаме само за да се задоволи формата која ја налага политичката коректност ниеден член од заедницата да не се почувствува исклучен или ќе се најде еден збор кој ќе го интегрира тој диверзитет? Меѓутоа, би можело да се постави и прашањето: зошто преку јазикот би ѝ се давало супериорност на родовата припадност, над другите постоечки разлики?

Ако се почне со инсистирање за целосна употреба на женски род на именките таму каде се однесуваат и на жени, ќе се доведеме во состојба која ќе ја деградира самата содржина и смисол на текстот и со право ќе се постави прашањето зошто оној кој употребува граѓанки и граѓани, не користи и криминалци и криминалки или цивил и цивилка? Затоа, обраќањето само со граѓани, можеби не е најсеопфатниот израз во обраќањето, но е, секако, најприфатливиот, во однос на алтернативите кои нѝ се налагаат.

Родово сензитивниот јазик не секогаш ја неутрализира родовата дискриминација

Во својата реакција по повод примената на родово сензитивниот јазик во српскиот јазик, Институтот за српски јазик при САНУ пишува: „погледот на свет, личните убедувања, системот на култура или општествениот систем не се условени со самото постоење или непостоење на одредена граматичка категорија како инсистираат промотерите на политичката коректност за примена на родово сензитивен јазик, па оттука тие и не можат да се менуваат со воведување на граматички категории или инсистирање на нивна употреба. Нивниот став дека само родово диференциран јазик е јазик на родова рамноправност и дека родовата рамноправност се нарушува со генеричката употреба на машкиот граматички род како и претпоставката дека таквата употреба е автоматски и „родово неутрална“, претставува токму банализација на лингвистичката теорија, затоа што современата лингвистичка теорија смета дека врз основа на присуство или отсуство на некоја граматичка категорија не може да се заклучи за присуство или отсуство на одредена вонјазична стварност“.

Оттука, како во српскиот, така и во другите јужнословенски јазици (вклучително и македонскиот јазик), граматичката категорија на женскиот род не е единственото средство за обезбедување на видливост на жените во јазикот, ниту пак може да влијае на дискриминација или рамноправност на жените. Според Институтот, рамноправноста не зависи од употребата на поедини граматички категории, туку од контекстот во кој тие се употребуваат, односно – од значењето на целината на текстот бидејќи и со доследна употреба на граматичките категории од женски род можат да се изразуваат дискриминаторски ставови за жените (на пример: граѓанките се неспособни за било што друго освен да бидат домаќинки - заб. моја). Исто така, во текстови во кои не се користи граматичката категорија на женски род, можат да се содржат ставови кои ја афирмираат родовата рамноправност, каква што е Универзална декларација за човекови права, преведена на македонски јазик, во која се залага за секаков вид рамноправност, па и за рамноправност меѓу половите иако во самиот текст се користи синтагмата „права на човекот“, а не т.н. родово чувствителна синтагма права на мажите и жените.

Извор: Public Seminar
Не сите професии подлежат на родово сензитивен јазик

Родовата прилагодба на професииите и досега била применувана во нашата јазична пракса, таму каде што било можно и не доведувало до состојби кои би ја деградирале самата содржина и смисол на текстот. Така што, воопшто не е невообичаено, туку, напротив, е заживеано, да се обраќаме со феминативите професорке, докторке, учителке, судијке, адвокатке, новинарке, директорке, раководителке, рецепционерке итн. Меѓутоа, прашање е дали може и најеманципирана жена, која е и мајка, да се препознае себе си во улогата на „родителка“, а тренерот на спортски клуб од женски пол да се нарекува „тренерка“? И уште многу други бесмислени родови адаптации на професии како „телохранителка, педагогка, психологка, метеорологка, сеизмичарка“. А, каков тек јазичен карамбол би настанал меѓу медицинските професии ако хирургот биде хирургка, кардиологот кардиологка, неврологот неврологка? Дури и за најженската професија во медицината – гинеколог, нека дадат предлог феминистките - застапнички на родово сензитивниот јазик, како би требала да се изговара во женски род!?

Во случај ако се воведе целосна родовата прилагодба на професиите, тогаш тоа ќе има своја импликација и врз кратенките за професиите. Дали „дипл. инг“ би била „дипла. инга“, „проф.“ би била „профка“, а „др.“ би била...(непријатно ми е да напишам). Понатаму, што со англицизмите кои се одомаќени во нашиот јазик, па бизнисмен, каубој и фронтмен, родово се прилагодуваат со додавање на суфиксот „ка“ за да се добие феминатив кој не само што нема никакво значење, туку е и апсурдно воопшто да се изговора – бизнисменка, каубојка, фронтменка?!

Јасно е дека најголем дел од професиите се од латинскиот јазик, кој не познавал нивна родова припадност и затоа интервенциите не се секогаш возможни, а насилното и вештачко воведување термини во жив јазик ретко кога заживува. Професиите и занимавањата во нашиот јазик се од женски род таму каде е тоа објективно можно, не ја ремети звучноста на зборовите и мелодичноста на говорот. И против тоа никој нема ништо против бидејќи јазикот е жив „организам“ кој се менува преку праксата во секојдневниот говор, а не синтетички да се прилагодува само заради имагинарна потврда на родова еднаквост. Конечно, една жена со самодоверба и без комплекси на пониска вредност, својот квалитет и рамноправност со мажите нема да ги докажува со тоа што професијата ќе ѝ се нарекува во женски род, туку со знаењето и супериорноста дека во професијата е поуспешна од некои свои машки колеги.

Родово сензитивниот јазик и некои светски јазици

Ставот дека само родово диференциран јазик може да биде и родово рамноправен, а јазиците кои не познаваат граматичка категорија род не се и не можат да бидат тоа, имплицитно ги дискриминира оние јазици кои не поседуваат соодветна граматичка категорија, како англискиот јазик. А токму во англосаксонското говорно подрачје прашањето за родовата рамноправност во јазикот е решено на сосема поинанов начин – со потполна неутрализација на обележјето род во некои ситуации каде тоа се јавува: наместо chairman (претседавач) се препорачува користење на chairperson (лице кое претседава), а наместо policeman – police officer, bussineman си има своја аналогија во bussinewomen. Ова имплицира дека постои и поинаков став во теоријата на родовата рамноправност, а тоа е ставот дека родовата рамноправност всушност се обезбедува и со употреба на родово неутрален облик.

Или во француската јазична пракса, таму каде промената на родот на професијата не е во духот на јазикот се додава пред професијата госпоѓа, па така во употреба е госпоѓа судија, госпоѓа полицаец, госпоѓа инжинер итн.

Целосна примена на родово сензитивен јазик за професиите е својствена само за германскиот јазик, во кој на било која професија од машки род ѝ се додава суфиксот „IN“ за да се трансформира во женски род и тука нема исклучоци како во останатите јазици, туку дисциплинирано се применува. Така, за првата жена премиер на Германија Ангела Меркел, се напуштил традиционалниот официјален назив Bundeskancelar (сојузен канцелар) и се вовел нов (на нејзино барање) Bundeskancelarin (сојузна канцеларка). Во моментов, во Германија се води јазична полемика и за промена на текстот на химната т.е. нејзино родово прилагодување бидејќи во строфата се споменува „татковина и братство“ и се бара да се додаде и „мајковина и сестринство“. Возрасна Германка, пред Федералниот суд добила судски спор против една банка бидејќи барала во формуларите да ѝ се обраќаат со клиентка, а не со клиент. Оваа германска јазична норма, доведува и до комични ситуации, како при посетата на воена делегација од Германија на нашиот Генералштаб, кога гостинот од Германија ги поздравил присутните со „Libe Soldaten und Soldatein“, а преведувачката превела „Драги војници и војнички“.

Канадскиот парламент неодамна ја изменил националната химна како би била родово неутрална со тоа што ги заменил стиховите  „О, Канадо, ти си така голема земја, за сите твои синови да те сакаат“ во „О Канадо, ти си така голема земја, за сите да те сакаме“.

Хрватска, која е под силно влијание на Германија во многу општествени сфери, па така и во јазичната стандардизација, воведува стриктна родова поделба на (речиси) сите професии, што се гледа и на сајтовите со официјалното ословување претседателка Китаровиќ, потпретседателка на владата и министерка, па се така по вертикала до „геометрице, туристкиње, пољопривреднице“, но и (за нас) нелогизми и оксиморони како „женска момчад“.

Во Македонија никој не може да ѝ забележи на Радмила Шеќеринска дефицит на родова еманципираност и женска самосвест, но ако се суди од сајтот на министерството со кое таа раководи, може да наведе на заклучок дека таа не го преферира во сите ситуации родово сензитивниот јазик бидејќи функцијата ѝ е напишана дека е министер за одбрана. Спротивно од сајтот на Владата на РМ каде пишува дека таа е министерка за одбрана и заменичка на претседателот на Владата. Рената Дескоска повеќе претпочита да е министерка за правда.

Родово чувствителниот јазик треба да биде во духот на јазикот

Би заклучиле дека формите на женски род на именките што значат професија треба да се употребуваат таму каде нивната примена е во согласност со постојната норма и добрата јазична практика. Кога станува збор за феминативи кои не се нормирани или вообичаени во јазичната практика, исправно е користење на генеричкиот машки род (на пример, борец, пилот, академик), бидејќи неговата употреба никако не имплицира дискриминација на жената, туку подразбира свест за еднаква општествена (или човечка) вредност на мажите и жените. Ако во даден контекст е неопходно да се нагласи дека носителот на функцијата е со женски род, тоа може да се обезбеди и со други јазични средства или со наведување на личното име („Првата жена космонаут Валентина Терешкова летала во космосот“ или „Маригона Марку е вршител на работите амбасадор во македонската Амбасада во Вашингтон“).

Несомнено дека стандардизацијата на говорот во службена и во јавна употреба може до одреден степен да подразбира интервенција во насока на испраќање на посакувана политичка порака. Меѓутоа, нормирањето на јазикот не смее да се раководи исклучиво со принципот за испраќање на посакувана политичка порака, особено кога тоа се коси со согледувањата до кои дошла званичната наука за јазиците, или кога тоа би значело нарушување на структурата на дадениот јазик, односно би било во несклад со важечките граматички и правописни норми и добрата јазична практика. Затоа, секоја стандардизација на говорот во службена и јавна употреба во РМ мора прво да биде усогласена со постојната норма на македонскиот јазик, а потоа да се бараат можности за примена на родовата сензитивност.

Политичката коректност во однос на родово чувствителниот јазик треба да биде во духот на јазикот, неговата традиција и природна динамика кон промени, а не силување на јазикот преку наметнување неприродни правила кои треба да ја нормираат промената во нешто што ќе биде формално постоечко, а, сепак, во јазичната пракса неприменливо. На кого му е потребен таквиот родово сензитивен јазик кој ќе звучи рогобатно, апсурдно, смешно и ќе биде отфрлен од оние кои треба да го прифатат – граѓаните?

Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот. 

д -р Ненад Живановски

Д-р Ненад Живановски е независен новинар од Скопје, кој живее во Лондон. Има долгогодишно новинарско искуство, соработувајќи со медиуми од Македонија, Бугарија, Хрватска, Србија, Норвешка и Германија. Дипломирал новинарство и бизнис менџмент, магистрирал европски студии и докторирал општа и компаративна лингвистика на тема Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите. Автор е на книгите „Некои аспекти на косовската криза - Косово меѓу историските митови и вистински европски проблем“, објавена во Германија на англиски јазик, потоа книгата „Говор на омраза“, објавена на англиски и бугарски јазик и „Говор на омраза - теоретски преглед и истражување Бугарија во македонските медиуми“, објавена на македонски јазик. Негов фокус на академски интерес се нормативите во политичкиот новоговор, геополитиката на Балканот и големите сили и современите односи меѓу балканските народи.