д-р Христина Рунчева Тасев е доцент на Правниот факултет "Јустинијан Први" во Скопје, на научната област применети политички науки. Автор е на стручни и научни трудови објавени во домашни и меѓународни списанија и има работено на повеќе истражувачки проекти. Таа е една од основачите на Македонскиот институт за европски студии (МИЕС).

Кирил Барбареев е проректор за развој, инвестиции и одржување на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип. Своите докторски студии ги завршил во 2010 година на Филозофскиот факултет во Скопје на тема „Образованието и професионалниот развој на воспитувачите во предучилишното воспитание и образование“, со што се стекнал со звање доктор на педагошки науки. Во 2011 година е избран како професор на Факултетот за образовни науки при УГД.

Маја Анастасова-Стојановска 25 години од својот професионален ангажман ги бележи во новинарството. Работела во дневни весници и неделници, во кои ги минала сите скалила од новинар почетник до главен уредник. Ги следела, анализирала и коментирала случувањата на домашниот терен, политички и економски. Сепак, главна сфера на интересирање ѝ се банкарството и финансиите. Соработувала со босански и германски медиуми. Дипломирала Општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Весна Попоска е докторант на Воената академија во Скопје. Магистрирала на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ и е долгогодишен граѓански активист. Авторка е на публикација за студентски права објавена од фондацијата „Фридрих Еберт“ и на многубројни научни и стручни трудови во нејзината област. Алумни е на Школата за политика на Советот на Европа и Регионалната школа за јавни политики организирана од NDI. Работи како генерален секретар на Меѓународен универзитет Визион од неговото основање во 2015 година.

Викторија Јаќимовска моментално работи како асистент-истражувач на Универзитетот во Лувен, Белгија. Дипломирала на Правниот факултет „Јустинијан Први”, се стекнала со академскиот степен магистер по меѓународно право на Универзитетот Кембриџ во Обединетото Кралство, и со титулата магистер по меѓународно хуманитарно право на Женевската академија за меѓународно хуманитарно право и човекови права во Швајцарија. Во 2012 година работи како асистент-истражувач во рамките на 64-то заседание на Комисијата за меѓународно право при Обединетите нации во Женева.

Ивана Велковска е магистер по меѓународна економија и истражувач во Центарот за економски анализи (www.cea.org.mk). Нејзин истражувачки интерес се јавните финансии, економската нееднаквост и даночните политики. Во досегашното работно искуство била дел од компаниите Блумберг и Прајсвотерхаускуперс.

Татјана Чакулев e претставник на О2 Коалиција, граѓанска иницијатива за чист воздух, намалување на загадувањето на почвата и водата, заштита на биодиверзитетот, природата и заштита од ефектот на климатските промени.

Кент Бусе (Kent Buse) е раководител на Секторот за стратегиски политички насоки на UNAIDS.

Лорел Спрејг (Laurel Sprague) е извршна директорка на Глобалната мрежа на луѓе кои живеат со ХИВ (Global Network of People Living with HIV).

Самет Шабани е истражувач во Програмата за надворешни и безбедносни политики во Аналитика тинк тенк. Има дипломирано политички науки и меѓународни односи на Истанбул Универзитетот, а во моментов е магистрант по менаџмент на Меѓународниот универзитет Бурч (International Burch University) во Сараево. Има објавено три резимеа за јавни политики и повеќе коментари. Неговиот истражувачки интерес се однесува на насилниот екстремизам, процесот на интеграција во ЕУ, јавните политики и локалното владеење.

Ирена Цуцулоска е докторант на студиите по Право на Европска Унија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Магистрирала на насоката по Меѓународно право и меѓународни односи и дипломирала како првенец на генерација на Правниот факултет. Вработена е во Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права при Министерството за правда. Долгогодишен член е на Институтот за човекови права, каде што и работела како проектен координатор и правен истражувач. Целокупното нејзино искуство и фокусот на интерес е насочен кон човекови права, правото на ЕУ и право на Европската конвенција за човекови права. Има искуство со голем број проекти, истражувања и анализи и е автор, ко-автор и уредник на неколку публикации.

Проф. д-р Јорде Јаќимовски од вработувањето во Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во 1979 година па до денес, работи во областа на регионален и рурален развој, структура на популацијата и социјална диференцијација, социјална и структурна политика, животен стандар и одржлив развој и пазар на трудот.

Сашо Арсов е редовен професор на Економскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Негова специјалност се финансискиот менаџмент, инвестициите и проектниот менаџмент. Бил член и на Советот на НБРМ, како и на Сенатот на Универзитетот. Учествувал во работата на повеќе проекти, а објавил поголем број научни трудови во домашни и меѓународни списанија.

Д-р Ило Трајковски е редовен професор на Филозофски факултет во Скопје и визитинг професор на Државниот универизтет на Аризона во Теми, САД и на Јагелонскиот Универзитет во Краков, Полска. Неговиот научен и истражувачки интерес е во областите на социологијата на политиката и политичкиот систем, социологијата на граѓанственоста и човековите права и современата социолошка теорија. Има објавено повеќе трудови и преводи на социолошка литература од англиски на македонски јазик. Раководел и учествувал во повеќе домашни и странски научно-истражувачки проекти и бил научен консултант на повеќе апликативни проекти.

Вон. проф. д-р Марија Топузовска Латковиќ работи во Институтот за социолошки и политичко–правни истражувања – УКИМ од 2006 година. Професор е на постдипломските студии по Менаџмент на човечки ресурси и на докторските студии по Организациски науки (Менаџмент) и Социологија на организација. Редовно објавува научни трудови во домашни и меѓународни научни списанија, а како раководител и главен истражувач или член на истражувачки тим, учествувала во повеќе национални и меѓународни проекти. Како член на работна група непосредно учествувала во креирањето на Националната стратегија за вмрежување, соработка и намалување на одливот на високообразовани и стручни кадри (2013-2020), како и во консултативниот процес за изготвување на Националната стратегија за млади (2015-2026). Теми од истражувачки интерес: младите и вработувањето, организациско однесување, доживотно учење, квалитет на работен живот.

Магдалена Лембовска е истражувач за безбедносни прашања во Аналитика Тинк Тенк. Авторка е на повеќе анализи и студии за добро владеење, реформи во безбедносниот сектор, нерегуларна миграција и заштита на човековите права и слободи. Има завршено магистерски студии по Глобален криминал, правда и безбедност на Универзитетот во Единбург.

Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: