fbpx

Како да се спречи дигиталниот феудализам

Мариана Мацукато

Економија

24.01.20

Прегледи

Мариана Мацукато (Mariana Mazzucato)

Mariana Mazzucato 200x250Со користење на технологии што првично беа развиени од јавниот сектор, компаниите кои работат со дигитални платформи стекнаа позиција на пазарот што им овозможува да добиваат високи наемнини за користење на тие платформи од потрошувачите и работниците. Затоа, реформирањето на дигиталната економија така што ќе служи за колективни цели е главниот економски предизвик на нашето време.

Употребата и злоупотребата на податоците од страна на Фејсбук и другите технолошки компании конечно го добиваат официјалното внимание што го заслужуваат. Додека личните податоци стануваат највредната стока за размена во светот, дали корисниците ќе бидат господари на платформната економија или нејзини робови?

Изгледите за демократизација на платформната економија и натаму се слаби. Алгоритмите се развиваат така што им овозможуваат на компаниите да профитираат од нашето минато, сегашно и идно однесување, или она што Шошана Зубоф (Shoshana Zuboff) од школата за бизнис на Харвард го опишува како нашиот „бихевиористички вишок“. Во многу случаи, дигиталните платформи веќе ги знаат нашите преференции подобро од ние самите и можат да нè наведат да се однесуваме на начини што произведуваат уште повеќе вредност. Дали навистина сакаме да живееме во општество каде што се продаваат нашите најинтимни желби и начинот на кој управуваме со своите животи?

Капитализмот отсекогаш многу умешно создавал нови желби и посакувања. Но, со појавувањето на големите податочни сетови и алгоритми, технолошките компании го забрзаа и го превртеа овој процес. Наместо само создавање нови стоки и услуги во пресрет на она што луѓето би го посакале, тие веќе знаат што ќе посакаме и ги продаваат идните верзии од нас. Уште полошо, алгоритмичките процеси што се користат често ги продолжуваат родовата и расната нетрпеливост и со нив може да се манипулира заради профит или политичка корист. Точно е дека сите имаме огромна корист од дигиталните услуги, како што е пребарувањето на Гугл, но не сме дале согласност нашето однесување да се категоризира, обликува и продава.

За ова да се смени, ќе треба да се фокусираме директно на најраспространетиот бизнис модел и на изворот на економски наемнини. Исто како што земјопоседниците во седумнаесеттиот век извлекле повисоки наемнини од инфлацијата на цените на земјиштето и како што „разбојничките барони“ профитирале од недостигот на нафта, денешните платформни фирми извлекуваат вредност преку монополизација на услугите за пребарување и е-трговија.

Предвидливо е дека од секторите со голема мрежна надворешност, каде придобивките за поединечните корисници се зголемуваат поради вкупниот број на корисници, ќе произлезат големи компании. Затоа телефонските компании пораснаа толку масовно во минатото. Проблемот не е во големината, туку како мрежните компании ја користат својата пазарна моќ.

Денешните технолошки компании првично ги користеа своите широки мрежи за да вклучат разновидни добавувачи, што беше во корист и на потрошувачите. Амазон им дозволи на малите издавачи да продаваат наслови (вклучувајќи ја и мојата прва книга) што инаку не би се нашле на полиците во вашата локална книжарница. Пребарувачот на Гугл порано покажуваше голем избор на различни снабдувачи, стоки и услуги.

Но, сега, двете компании ги користат своите доминантни позиции за да ја задушат конкуренцијата, со тоа што контролираат кои производи ги гледаат корисниците и ги фаворизираат своите брендови (од кои повеќето имаат навидум независни називи). Во меѓувреме, компаниите кои не се рекламираат на овие платформи се наоѓаат во многу неповолна позиција. Како што тврди Тим О'Рајли (Tim O’Reilly), со текот на времето, ваквата потрага по наемнини ќе го ослаби екосистемот на добавувачи за кој платформите првично беа создадени за да им служат.

Наместо едноставно да претпостават дека економските наемнини се исти, креаторите на економски политики треба да се потрудат да разберат како платформните алгоритми ја распределуваат вредноста кај потрошувачите, добавувачите и на самата платформа. Некои распределби можеби се одраз на реалната конкуренција, но други се водат по одземање вредност, наместо создавање вредност.

Затоа треба да развиеме нова управувачка структура, почнувајќи од создавање нов речник. На пример, тоа што платформните компании се нарекуваат „технолошки гиганти“ укажува на тоа дека тие инвестирале во технологиите од кои профитираат, а реално даночните обврзници ги финансираа клучните основни технологии - од Интернетот до ГПС.

Освен тоа, честото избегнување на повисоки даноци и големиот процент работници со договор на дело (за да се избегнат трошоците за здравствено осигурување и други бенефиции) ги еродира пазарите и институциите на кои се потпира платформата. Затоа, наместо да зборуваме за регулатива, треба да одиме подалеку, прифаќајќи концепти како што се ко-создавање. Владите можат и треба да ги обликуваат пазарите така што колективно создадената вредност ќе им служи на колективните цели.

Исто така, политиките за конкурентност не треба да се фокусираат само на големината. Раситнувањето на големите компании не би ги решило проблемите со одземањето вредност или со злоупотреба на правата на поединците. Нема причина да веруваме дека поголем број на помали верзии на Гугл или Фејбук би работеле поинаку или би развиле нови, помалку експлоатирачки алгоритми.

Градењето околина што наградува вистинско создавање вредност и го казнува одземањето на вредноста е основниот економски предизвик на нашето време. За среќа, и владите сега создаваат платформи за да ги идентификуваат граѓаните, да соберат даноци и да обезбедат јавни услуги. Поради загриженоста што постоеше кога започна функционирањето на Интернетот за службена злоупотреба на податоците, голем дел од тековната архитектура на податоци е изградена од приватни компании. Но, владините платформи сега имаат огромен потенцијал да ја подобрат ефикасноста на јавниот сектор и да ја демократизираат платформната економија.

За да го оствариме тој потенцијал, ќе треба да го преиспитаме управувањето со податоците, да создадеме нови институции и, со оглед на динамиката на платформната економија, да експериментираме со алтернативни форми на сопственост. Да земеме само еден од многуте примери, податоците што некој ги генерира при користење на Гугл мапс (Google Maps) или Ситимапер (Citymapper) или која било друга платформа која се потпира на технологии финансирани од даночни обврзници, треба да се користат за подобрување на јавниот превоз и други услуги, наместо да станат само приватен профит.

Се разбира, некои ќе речат дека регулирањето на платформната економија ќе спречи пазарот да создава вредност. Но, тие треба да го препрочитаат Адам Смит, чиј идеал за „слободен пазар“ е пазар во кој не е отсуствува државата, туку наемнините.

Алгоритмите и големите податочни сетови може да се користат за подобрување на јавните услуги, условите за работа и благосостојбата на сите луѓе. Но, овие технологии во моментов се користат за да се поткопаат јавните услуги, да се промовираат договори со кои работодавците не се обврзуваат да обезбедат минимален број работни часови, а работниците не се обврзуваат да ги прифатат понудените работни обврски (договори без работни часови), да се наруши приватноста на поединецот и да се дестабилизираат демократиите во светот, сето за лична корист.

Иновативноста нема само стапка на прогресија; има и насока. Заканата што ја носат со себе вештачката интелигенција и другите технологии не лежи во брзината на нивниот развој, туку во начинот на кој тие се дизајнираат и користат. Нашиот предизвик е да ја смениме насоката.

Професорката Мариана Мацукато е основач и директор на Институтот за иновации и јавна намена (IIPP).

Copyright: Project Syndicate, 2020.
www.project-syndicate.org

Мариана Мацукато

Професорката Мариана Мацукато е основач и директор на Институтот за иновации и јавна намена (IIPP).