fbpx

Кариерното советување и вработеноста: преку личен развој до поголеми можности

Сашка Тодоровска

Образование

17.10.18

Прегледи

м-р Сашка Тодоровска

Saska Todorovska 200x250Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. Други истражувања, пак, покажале дека перцепцијата на вработените за личен развој и професионален напредок не е на високо ниво.

Во Македонија недостасуваат квалификувани професионалци, а младите под влијание на широкораспостранетиот стереотип за начинот на вработување (во најбројни случаи, партиски) ја напуштаат земјата без да покажат интерес за вложување и развој во неа. Кај нив недостасува лична мотивираност, визија за кариерен развој. Во контекст на личниот и професионалниот развој евидентна станува неподготвеноста и кај возрасните да се продадат на пазарот на труд. Соочувајќи се со специфични проблеми од современото општество, неопходно е на секој граѓанин да му се обезбеди можност за задоволување на потребата за личен развој и исполнетост.

Кризата и недостигот на одредени професии се` повеќе се актуелизира. Тоа се должи на повеќе фактори, меѓу кои маргинализацијата на професионалните групи и нискиот статус на одредени професии. Од друга страна, се` поголем е изборот на можности надвор од државата, па секогаш најдоброто решение е да излеземе од овие граници.

Софтвер инженери и програмери, електро инженери, машински инженери, медицински сестри, доктори и медицински соработници се најбараните професии во светот. Причината за тоа што пополнувањето на овие работни места е проблем, всушност е недостигот од работници со соодветни вештини и неодлучноста на лицата при изборот на професијата.

Можностите за развој во Македонија

Според податоците на Државниот завод за статистика, во второто тримесечје од 2018 година, стапката на активно население е 56,9 отсто, стапката на вработеност изнесува 44,9 отсто додека стапката на невработеност е 21,1 отсто. Во истиот период стапката на слободни работни места изнесува 1,44 отсто, односно 7.199 слободни работни места. Најголем број слободни работни места, 2.794 има во групата работници во услужните дејности и продажбата.

Според Агенцијата за вработување (АВРМ) и според порталот „Вработување“, најбарани занимања во нашата земја се хигиеничари, продавачи, општи работници, келнери, а особено работници во производство. Според сегментацијата по степен на образование, најбарани се кандидати со средна стручна спрема (34.81 отсто), потоа кандидати со висока стручна спрема (21.48 отсто) и кандидати со виша стручна спрема (5.92 отсто). Што се однесува до невработеноста на кадрите, податоците од Годишниот извештај за 2017 година од АВРМ покажуваат дека најмногу невработени лица има од следните профили на занимање: дипломиран правник, дипломиран економист, професор по одделенска настава на македонски јазик, професор по одделенска настава на албански јазик, дипломиран социјален работник итн.

Од друга страна, многу истражувања направени со цел да го измерат задоволството на вработените покажале дека нивната перцепција за личен развој и професионален напредок не е на високо ниво. Истражувањето за задоволството на вработените од компаниите во кои работат, спроведено оваа година од страна на порталот „Вработување”, покажува дека Македонците се незадоволни од своите компании. На лицата кои бараат работа не им значи дали компанијата има големо пазарно учество доколку таа не создава услови за работа и развој на своите вработени.

Каде сме застанати ние во врска со трендовите во светот особено кога зборуваме за развојно работно искуство во една компанија?

Според истражувањето за глобалниот тренд на човечки капитал во 2018 година, спроведено од „Deloitte Insights”, „градењето на кариерата на 21 век“ е трет најважен тренд, 47 отсто испитаници го имаат опишано како многу важно, а само 9 отсто покажуваат итност на овој предизвик. Резултатите од ова истражување повикуваат за промена на традиционалниот третман на кариерата кон тековно надоградување на вештини, стекнување на искуства и организациски фокус на градење на култура за учење.

Реалноста во Македонија е дека во организациите постои отпор кон вложување во кариерниот развој на вработените. Во образовните институции недостига пристапот до информации кој треба да им се обезбеди на младите со цел информираност за дефицитарните професии во државата и можностите кои се отвораат за нив. Особено ова е важно во период на премин на образование, основно-средно или средно-факултет, кога се прават клучните чекори за професионално насочување на личноста. Од друга страна дисбалансот помеѓу кадарот што го продуцира образовниот систем и барањата на локалната средина претставува актуелна карактеристика на пазарот на труд во Македонија.

Асоцијацијата на советници за кариера е единственото здружение кое работи на професионално кариерно советување во Македонија, а се` со цел да им овозможи на младите успешно да влезат на пазарот на труд и да обезбеди успех на организациите.

Kariernoto sovetuvanje i vrabotenosta preku licen razvoj do pogolemi moznostiИзвор: Faktor.mk

Одговорност за пристап до советување за кариера

Општеството има колективна одговорност да обезбеди еднаков пристап до информираност и советување за кариера.

Со отворање 53 кариерни центри во јавните средните училишта низ Македонија и различни проекти за кариерно советување поддржани од општините, целта беше на учениците да им се овозможи да се информираат за состојбата на пазарот на труд и можностите во државата. Со цел вклучување и на ранливите групи на млади на пазарот на труд, во 2016 година беше реализирана обука за обучувачи за рано кариерно советување како дел од проектот „Подобрување на социјалната инклузија преку јакнење на вработливоста. Отворена врата – За млади од млади.“ Проектот кој е реализиран од страна на Коалиција на младински организации СЕГА во партнерство со невладината организација КАБА од Словачка и ЕАСП од Македонија придонесе за отворање на четири младински инфо кариерни центри низ Македонија.

Според Годишниот извештај за 2017 на АВРМ, реализирани се повеќе активности во процесот на подготовка на младите за вработување, меѓу кои акцентот е на информирање за потребите од одредени занимања, можностите за вработување, користењето алатки за донесување одлуки, примена на техниките за проценка, индивидуалното и групното кариерно советување.

Оваа година на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ се реализираше и Саем на кариера 2018, со цел вмрежување на младите, институциите и бизнис секторот.

Покрај овие активности, и во организациите расте потребата од интегрирање на професионалното ориентирање во формалното образование, а и поддршката за кариерен развој. Од витално значење за младите кои се на преод кон одлучување за избор на образование, а и кај лицата во работен однос е да се развијат вештини и да се оспособат за прилагодливост на промени во кариерата.

Доколку на учениците од основно и средно образование им обезбедиме информации за образованието, заеднички ги поддржиме во препознавање на интересите, ако на студентите им обезбедиме релевантни области за избор при вработување, а на вработените можности за кариерно советување и поддршка, тогаш ќе имаме основа за искористување на потенцијалите на овие луѓе.

Механизми

Кариерното советување е услуга која треба да е достапна во целост на вработени лица, лица кои бараат работа и лица кои се на премин во работна сила односно премин од неактивна кон активна популација и обратно. Од голема важност е да се разбуди свеста кај секој поединец за потребата од континуирано развивање вештини и адаптивно однесување во кариерата.

Министерството за образование и наука треба да се насочи кон зајакнување на системот за кариерно советување, што е и еден од приоритетите наведени во Стратегијата за образование за 2018 - 2025, со реална адаптација на наставните планови кон потребите на пазарот на труд. Низ соодветни обуки за развој во повеќе дејности и дистрибуција на информации за работни места и кариерен развој да им се овозможи да бидат во чекор со светските стандарди. Преку отворање повеќе кариерни центри и низ универзитетите во државава, да се постигне успешно спроведување на системот за кариерно советување и поддршка, а на тој начин да се обезбеди поврзување на младите со бизнис секторот. Во рамките на образовниот систем оваа професија има важна улога во поставување на темелите за доживотно развивање на кариерата вклучувајќи самосвесност, способност за донесување одлуки и прилагодување при транзиции. Тоа е воедно и повик за институционализирање на кариерното советување што ќе претставува иновативен чекор за подобрување и одржување на вработливоста во Македонија.

Што се однесува до организациите и менаџерите, се очекува преку формални дискусии за кариера да дадат значење на процесот на развој на кариера кај вработените и да воведат практики како приоритетен сегмент од мотивационата стратегија за ретенција (задржување) на кадарот. Организациите би требало да обезбедат решенија за успех и самопрепознавање на поединците во рамки на компанијата преку дефинирани програми за развој на вештини и кариера.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Сашка Тодоровска

Сашка Тодоровска е магистер по менаџмент на човечки ресурси и Сертифициран кариерен советник по Меѓународната програма за кариерни советници (GCDF - Global Career Development Facilitator). Нејзиното работно искуство е во областа на човечки ресурси во приватна здравствена компанија. Ориентирана е кон нагласување на потребата за личен и професионален развој. Активно учествува на конференции и е автор на неколку статии од областа на човечки ресурси. Член е на Македонската Асоцијација за човечки ресурси и Асоцијацијата за кариерни советници.