fbpx

Граѓаните не знаат како да користат бесплатна правна помош

Арлинда Мазлами Илази

Правда

03.10.18

Прегледи

Арлинда Мазлами Илази

arlinda 200x250И после многу години од донесувањето на Законот за бесплатна правна помош, се` уште се соочуваме со истите основни проблеми од почетокот на неговото применување. Имплементацијата не е на ниво за да може да се каже дека Законот се спроведува.

За граѓаните, најчеста асоцијација за правото и правните проблеми е скапа и долготрајна постапка која би ја воделе пред надлежна институција. Но, откако тие ќе ги идентификуваат правните проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот, можат да се обратат до здруженијата кои се овластени за давање бесплатна правна помош. Потребно е граѓаните да бидат правно зајакнати и да бидат запознаени со своите основни права и начините како да ги остварат.

Што подразбираме под правно зајакнување на граѓаните? Правно зајакнување на граѓаните е кога обичните граѓани можат сами да користат право за да најдат конкретни решенија за нивните проблеми и да побараат отчетност од властите, тие се свесни за своите права, го препознаваат нивното прекршување и знаат како да постапат кога им се прекршуваат овие права.

Законот е нејасен

Најчести правни проблеми на граѓаните со кои се соочуваат се решавање на имотно-правните прашања и заштитата на жртвите на семејното насилство и заштитата на децата, додека пак другите правни области како што се социјалната заштита, пензиското, социјалното и здравственото осигурување и работните односи се помалку застапени.

Поминаа 8 години од донесувањето и имплементацијата на Законот за бесплатна правна помош (БПП), но сите ние се прашуваме колку е ефективeн овој закон и колку граѓани го искористиле правото на бесплатна правна помош. Досега се` уште бројот на барањата не достигнале ниту 1.000 во текот на овој период, во едно општество во кое 25 отсто од граѓаните не се вработени и се социјални случаи.

Во текот на користењето на ова право, граѓаните се соочуваат со забуна во врска со нормите на Законот, кои во некои аспекти се многу нејасни и за нив нема дополнително објаснување. Исто така, повеќето од барањата, кои и така се во мал број, се одбиваат од различни, но понекогаш неосновани причини.

Неинформираноста на граѓаните е се`уште висока земајќи предвид дека Министерството за правда не го прави промовирањето на потребното ниво, иако во Законот се споменува дека министерството треба секои шест месеци да ја обнови веб страницата, а последните информации во Регистарот за адвокати како даватели на бесплатната правна помош се од 2012 година и бројот на адвокати изнесува 214. Видлива е потребата за едукација и информирање на граѓаните.

Во другиот агол се и здруженијата, кои сега се во малку поголем број од почетокот на применувањето на Законот, а не добиваат никаква помош од државата за трошоците кои настануваат во текот на давање на претходната правна помош, па можеби и тоа е една од причините зошто повеќето здруженија не се регистрирани како даватели на Бесплатна правна помош.

Институциите се клучни во целокупниот процес на правната помош, бидејќи без нивна поддршка не може да има одржливост на процесот. Од особена важност е целиот процес да се заснова на партнерство меѓу претставниците на релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации, обезбедувачите на правна помош, со цел заеднички да работат на процесот на институционализација на правното зајакнување и унапредување на финансирањето на различните форми на обезбедување пристап до правда за потребите на маргинализираните заедници на локално и национално ниво.

Според резултатите на истражувањето на невладината организација Мултикултура, 69 отсто од испитаните не се запознаени дека постои таква услуга за граѓаните како што е БПП. Исто така, на прашањето колку од нив знаат да ја искористуваат можноста за користење на ова право, само 18 отсто одговорија позитивно.

Само 3 отсто од испитаните знаат за здруженијата кои се овластени за давање БПП во нивниот град. Од 18 проценти од граѓаните кои се запознаени со БПП, само 3 отсто имаат поднесено барање до Министерството за правда и тоа за социјално осигурување и работни односи.

social reponsИзвор: it.mk

Препораки

Еден од проблемите што доведува до оваа ситуација е тоа што се забранува на било каков начин да се промовираат организациите кои даваат претходна правна помош. Затоа, препорачуваме да се преземат овие чекори:

• Да се најде начин за промовирање на БПП за да можат граѓаните да се запознаат со условите за остварување на ова право.

• Да им се даде можност на здруженијата овластени за давање БПП, да користат комуникациски алатки за да можат да направат промоција на бесплатната правна помош, да ги информираат граѓаните, особено ранливите категории на кои им е најпотребно да добијат информации за користењето на овој конкретен закон, па да се одржи јавна дебата со цел да се информираат граѓаните за законот, како и за условите кои се потребни да се исполнат за да може да се искористи тоа право, да им се објасни начинот на кој се остварува тоа право, каде треба да се насочат, кои конкретни органи се занимаваат со оваа проблематика, точни адреси на органите и овластените лица, да се знае кои адвокати и кои организации се регистрирани за овој вид на дејност.

• Министерството за правда и канцелариските подрачја овластени за примање на барањата треба исто така да ги искористат своите веб страници и портали за да го промовираат законот. Да може да се најдат информации и на официјалните веб страници на судовите, Министерството за труд и социјална политика и центрите за социјална заштита, кои треба да имаат овластено лице кое ќе биде во состојба да даде информации за условите и постапката за остварување на ова право.

Правните потреби на граѓаните треба да бидат целосно отсликани во опфатот на новиот Закон за бесплатна правна помош со цел обезбедување еднаков пристап до правда. Притоа, наместо да бидат таксативно наброени и исклучувачки, правните области треба да ги опфатат сите правни прашања и проблеми со кои се соочуваат граѓаните. Понатаму, за да се опфатат сите граѓани на кои им е потребна правна помош, потребно е олеснување на условите кои граѓанинот треба да ги исполни за да го добие ова право.

Претходната правна помош која овластените здруженија и подрачните одделенија на Министерството за правда ја даваат на граѓаните по теркот на правните системи кои се предмет на компаративна анализа, покрај правните совети и пополнувањето барање за бесплатна правна помош, потребно е да вклучи и составување едноставни писмена за управна постапка.

Затоа, за подобра имплементација на Законот за бесплатна правна помош, неопходно е здруженијата паралелно правно да ги описменуваат граѓаните преку сесии за правна едукација на граѓани, се со цел да научат каде можат да се обратат за помош, да научат да го препознаваат проблемот и на време да реагираат.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите в оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Арлинда Мазлами Илази

Арлинда Илази е програмски директор на Здружението Мултикултура - Тетово. Таа е дипломирана на Факултетот за јазици, култури и комуникации на Универзитетот на Југоисточна Европа, кадешто во моментов е студент на магистерските студии за маркетинг. Целокупното нејзино искуство е насочено кон граѓанските права преку промоција на младинскиот активизам и учество во процесот на донесување на одлуки и развој на културните и на меѓуетничката толеранција и соработка. Има искуство со голем број проекти, истражувања и анализи и е уредник на неколку публикации. Активно работи во областа на Бесплатна правна помо