fbpx
 

Имаме ли визија за економијата?

вон. проф. д-р Марјан Петрески

mpetreski blogerВизијата на македонската економија би требало да биде да се постигне просечен раст од 5 отсто годишно, со поттик на приватна иницијатива, длабоки и истрајни структурни реформи, подлабока интеграција со ЕУ и макроекономска стабилност.

Неодамна, економијата на Македонија доби втора шанса за раст и просперитет. По долга и тешка политичка криза, формирањето на Владата во јуни 2017 даде нов поттик на економијата, не толку преку донесување кристално јасна и цврста рамка за водење економска и развојна политика, туку главно преку ослободениот оптимизам и подигнатите очекувања и меѓу граѓаните и меѓу фирмите. Во третиот квартал, економијата порасна за само 0.2 отсто во однос на истиот квартал од претходната година, но тоа повеќе беше ехо на случувањата што претходеа на тој квартал, и всушност, покажа дека ефектите од политичката криза ниту беа незначајни ниту инстантно можат да исчезнат. Но, ако се погледнат некои индикатори кои мерат повеќе перцепции отколку реални остварувања, тогаш постојат добри изгледи економијата да се врати на поздрави патеки за економскиот раст. На пример, кај индикаторот на доверба (слика 1) на раководителите во преработувачката индустрија, кој иако покажуваше некаков раст и во периодот пред мај 2017, трендот што отпочнува во јуни е значително поизразен.

Слика 1.indikator na doverba na rakovoditelite

Но, ова е само краткорочниот преглед. Гледано долгорочно, состојбата на економија денес е повеќе одраз на трнливите 26 години од започнувањето на транзицијата: бавните структурни реформи резултираа просечно со побавен раст од очекуваното и сè уште значително висока невработеност, особено кај младите. Нашиот доход по глава на жител и натаму останува околу, или нешто над, една третина од просекот на ЕУ-28, додека пак брзината на приближување кон европскиот животен стандард се изгуби со изгубениот ентузијазам за евроатлантските интеграции.

На слична патека, сиромаштијата и доходната нееднаквост се подобрија во текот на претходната деценија, но недоволно. Сè уште 450 илјади жители на земјата живеат во релативна сиромаштија, иако ублажена со веројатно неиздржливото-за-економијата зголемување на пензиите, но наспроти акумулацијата на богатството кај најбогатите 1 отсто заработувачи во земјата. Сепак, последново не дава за право да се каже дека Македонија е земја со најголема или една од земјите со најголема доходна нееднаквост во Европа. Џини индексот (слика 2), вообичаената мерка за нерамномерност во распоредот на доходот, всушност покажува дека Македонија има средно-високо ниво на нееднаквост во Европа и помеѓу земјите од Западниот Балкан. Во линија со тоа се и податоците кои ги објави Министерството за финансии, кои не покажуваат дека имаме висока доходна нееднаквост, туку дека сите заедно сме колективно сиромашни, со исклучок не на најбогатите 10 отсто, не на најбогатите 1 отсто, туку на поединци во рамки на највисокиот перцентил од дистрибуцијата (што би се свело на најбогати 0.1 отсто или дури и помалку).

Слика 2.gini index of inequality

Структурните реформи....

Но, да се вратиме на структурните реформи. Нивниот приказ (слика 3) е во 12 структурни делови од економијата, од институции, инфраструктура, образование и здравство, па се` до иновација и технолошка подготвеност. Индексот на глобалната конкурентност во овие 12 области се движи од 0 (најниска) до 7 (највисока вредност): светлосината линија го покажува индексот за Македонија во 2006, додека темносината во 2016. Она што е највпечатливо е секако назадувањето или стагнацијата на реформските процеси во две клучни области: здравството и основното образование и ефикасноста на пазарот на трудот. Зошто овие две области се важни? Бидејќи и двете се тесно поврзани со тоа какви вештини поседува нашата работна сила, што потоа ја детерминира нејзината вработливост, можноста да биде попродуктивна и повисоко платена и да наиде на пазар на труд кој е ефикасен, односно кој ќе овозможи соодветни, пристојни и добро платени работни места. Ако последново е основата за подобар животен стандард, тогаш во период од 10 години економијата не ги испорачала основните претпоставки за тоа.

Слика 3.reformi i prosecen realen ekonomski rast

Сепак, сликата покажува дека има напредок во некои други области, како што се пазарната ефикасност (што ЕУ го нарекува концепт на функционална пазарна економија), технолошката подготовка (главно, благодарение на влезот на странските фабрики) и мало поместување кај бизнис софистикацијата и иновациите, за што заслуга има Фондот за иновации и технолошки развој, но и големиот број иницијативи наменети за приватниот сектор, а финансирани од меѓународните донатори. Индексот бележи прогрес и во делот на институциите, чиј кредибилитет во текот на политичката криза се покажа дека е нарушен и значително уназаден, и секако, во делот на инфраструктурата, што особено се должи на отпочнатите големи проекти кај крупната инфраструктура.

Но, ваквите споредби 2006/2016 се повеќе тривијални, ако нивото на структурната поставеност на нашата економија се спореди со тоа, да речеме, на Сингапур. Имено, (слика 3) „кругот“ на структурните реформи на Сингапур (црвена боја) е многу поширок од нашиот. Веднаш ќе помислите зошто Сингапур? – земја која од нас е далечна и географски, и функционално, и структурно. Дали јас идеализирам? Одговорот е во малиот графикон десно на сликата: во периодот 2000-2016, просечниот раст на нашата економија бил 2,9 отсто, а на сингапурската 5,3 отсто.

Нашата економска визија

Со преземањето на власта, Владата започна да комуницира две, навидум спротивставени цели. Првата е да се постигне просечен раст од 5 отсто во текот на мандатот (види Програма за работа на Владата 2017-2020, стр.5). Втората е да се подобри распределбата на доходот главно со зафаќање од заработувачите на врвот на распределбата на доходот (види Програма за работа на Владата 2017-2020, стр.2).

Впечатокот за спротивставеноста на овие цели ми произлегува од тоа што не секогаш сум убеден дека постои координација и консензус меѓу двата главни економски чинители во Владата: вицепремиерот за економија и министерот за финансии, како и од тоа дека, на краток рок, фокусот на една од целите може да е на штета на другата, барем во оваа фаза од развојот (што е поврзано со т.н. Кузнецова крива – економистите тоа го знаат). Но, сепак сум убеден дека двете цели може да коегзистираат и да испорачаат заедничка економска визија.

Да се обидам да ја врамам на следниот начин: Континуиран раст од најмалку 5 отсто на среден рок, споделен на поправичен и поеднаков начин меѓу граѓаните.

Дали е ова воопшто возможно?

Неодамна промовираниот План за економски раст на вицепремиерот Анѓушев ја поставува основата за поддршка на успешни компании – и домашни и странски, стартапи и олеснување на нивната соработка со странските инвестиции во земјата. Ова подразбира технолошка надградба, ширење на технологијата и подобро разбирање на човечкиот и работниот потенцијал во земјата. И, тој е солидна основа за раст, иако ќе биде потребно негово понатамошно конкретизирање, детална пресметка на неговото чинење и темелна анализа на користа и трошоците, за експертската јавност да биде убедена дека нема повторно да фрлиме пари на нешто што има потенцијал, но може и да не даде добри резултати.

Но, овој план е само еден дел или столбот околу кој ќе се остварува вкупната економска визија. Неговото спроведување мора да оди паралелно со поширок поттик на потенцијалот на приватната иницијатива, веројатно на сметка на модификацијата, но не и зголемување (види фуснота) на улогата на Владата во економијата, длабоки и истрајни структурни реформи во деловите идентификувани на Слика 3 и со подлабока интеграција со ЕУ и глобалната економијата, притоа зачувувајќи ја макроекономската стабилност. Ова е патот за постигнување среднорочен континуиран просечен раст од 5 отсто и повеќе, впрочем како оној на Сингапур. Значи, ако идеализирам јас, тогаш идеализира и Владата. Но, сепак е возможно. Ваквиот реформски пристап ќе ја подигне продуктивноста, ќе ја подобри инфраструктурата, ќе ја зголеми ефикасноста на јавните трошења во клучни области како образованието и здравството и ќе создаде поволно окружување во кое повеќе луѓе ќе работат и ќе сакаат да работат.

Последното е, всушност, најбезбедниот начин за луѓето да излезат од сиромаштијата и да се искачат на скалата за доходот. Растот, сам по себе, нема неопходно да ја намали сиромаштијата, во најмала рака, не драстично. Тој секако може и треба да се поддржи со програми за социјална помош – од кои еден истакнат пример е гарантираниот минимален приход - кои се во корист на истовремено стекнување и социјална помош и приходи од трудот, односно кои освен што ќе имаат јасна намена и (по)прецизно таргетирање за најранливите слоеви, ќе имаат и јасна активациска компонента на пазарот на трудот. За растот понатаму да биде споделен и во корист на сиромашните, дизајнот на системот за социјална заштита сè уште мора да ги штити оние на кои им е најпотребен - ранливите, младите, жените и постарите работници. Ова секако не исклучува и корекции на приходната страна на буџетот – вклучително и преку прогресивно оданочување – кои ќе обезбедат повеќе средства за финансирање. Но, нивниот дизајн и имплементација мора да бидат исклучително внимателни со цел да не предизвикаат демотивирање на високопродуктивните сектори и индивидуи, ниту да поттикнат даночна евазија, што лесно може да се случи во сегашната фаза од развојот и со сегашната ментална матрица на даночен морал.

Политиките и реформите бараат кредибилитет

Во крајна линија, секоја реформа мора да се базира на кредибилитет. Ако институцијата или личноста, или двете, што ја имплементираат таа реформа немаат доволен кредибилитет, тогаш реформата или нема да се воведе, или ќе се воведе, но нема да даде резултати. Таков пример имавме неодамна во даночната сфера - одложувањето на прогресивниот данок. Кредибилитетот на носителите на политиките се гради, заемно се „засилува“ помеѓу личноста креатор на политиката и институцијата што тој/таа ја води, или се импортира преку независни експертски тела. Но, првиот чекор од кој може да почне Владата во економската сфера е токму тоа - да постави јасна, недвосмислена и неконтрадикторна економска цел, за сите да бидеме сигурни дека делиме иста визија за тоа каде сакаме животниот стандард да ни биде за 5-10 години.

Сè на сè, двете погорни цели на Владата не се заемно исклучиви и може да коегзистираат. Нивна јасна координација и подредување на втората на првата цел, како и интензивно фокусирање на градење кредибилност ќе помогнат економската визија на Владата да стане реално остварлива.


1 Еден забележителен пример на барањето за ваква промена на улогата на државата во економијата е неодманешниот повик на ММФ во нивниот редовен Член 4 за Македонија, кадешто се вели: „Фискалниот простор во претходните години беше во голема мера искористен за зголемување на субвенциите... нетаргетираните субвенции треба да се намалат...“, иако Фондот поддржува зголемување на даночната основа за ДДВ и зголемувања кај даноците на имот и нафта.
Друг еклатантен пример е неодамнешната анализа на Светската банка „Западен Балкан: Покренување на моторите на растот и просперитетот“, во која се сугерира зголемување на ефикасноста на Владата, и намалување на нејзината улога во економијата во некои од земјите од Западниот Балкан.

 

Идеите од оваа колумна послужија како рамка за дебата на економскиот форум „Повисок економски раст за сите“, по повод 5 години од Институтот за економски истражувања и политики Finance Think – Скопје. Авторот е професор по економија на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и член на Советодавниот одбор на Finance Think.

 

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Колку се вложува во ракометот - водечкиот спорт во...
СИДА, непреносливи болести и „организациската азбу...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Сабота, 15 Декември 2018
  • Блогирај +

    Приклучете се кон тимот соработници и предложете тема или испратeте текст, со Ваша фотографија и куса биографија на info@iks.edu.mk.Повеќе

  • Насоки +

    Текстовите треба да имаат помеѓу 900 и 1300 зборови и да бидат напишани во куси пасуси, во разбирлив и неформален стил. Повеќе

  • Преземи +

    Содржината на блогот е слободна за споделување и читателите можат да оставаат разумни и конструктивни коментари на блоговите. Повеќе

  • 1

Следете не