fbpx

Новата политичка власт и граѓанскиот сектор во Република Македонија: старо нови дилеми

Ило Трајковски

Јавен интерес

17.10.17

Прегледи

проф. д-р Ило Трајковски

llo Trajkovski 200x250Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот. Непосреден повод за тоа се повеќето случаи на влез на истакнати активисти од граѓанскиот сектор во високите ешалони на новата законодавна и извршна власт.

Велиме повторно, затоа што ова прашање, кај нас е поставувано скоро со секоја позначајна политичка промена од осамостојувањето до денес. Така, уште на почетокот на транзицијата во деведесттите години, голем број активисти на различни граѓански здруженија – пред се за човекови права, за екологија и женски права – влегоа во политичката сфера, заземајќи врвни позиции во извршната власт.

Но, тоа што се случуваше кај нас не беше поразлично од тоа што, на тој план, се случуваше во другите посткомунистички земји. Во Полска, на пример, Лех Валенса, од лидер на легендарното граѓанско движење Сoлидарност стана претседател на државата; во Чехословачка, Вацлав Хавел од лидер на Граѓанскиот форум, најпрво стана претседател на Чехословачка, а подоцна и претседател на Чешка; поблиску до нас, во Словенија, неколкумина од Одборот за заштита на човековите права подоцна ќе заземат врвни политички позиции (Јанез Јанша, Игор Бавчар).

Ваквите примери се повторуваат и во подоцнежните промени на власта. И во тоа нема ништо невообичано и проблеметично. Уште Алексис де Токвил, во 1840 година, анализирајќи ја општетствената улога на граѓанскот сектор во Америка ќе рече дека граѓанското содружништво (или како што кај нас популарно се нарекува ‘цивилното’ или ’граѓанското’ општество) е школа во која се формираат и од која се регрутираат нови политичари. Но, реченото не значи дека прашањата кои се поставуваат во врска со оваа појава се беспредметни. Таквите појави отвораат некои од фундаменталните прашања на општествената смисла и функцијата на граѓанската сфера во современото општество и за нејзините односи со политичката власт, но и со другите сфери на општествениот живот. Решенијата, пак, не се воопшто од локален, македонски или балкански карактер. Тие се утврдуваат и се менуваат во центрите на глобализацијата. Кај нас, како земја со надворешни фактори на развојот, тие влегуваат било преку мултилатерални било преку билатерални механизми и агенси, како што се различните видови помош кои стигаат преку ММФ, Светската банка, Европската банка за развој или агенции за развој на одделни западни земји.

Функциите на граѓанската сфера во современите општества

Во однос на ова прашање изградени се две главни парадигми или доктрини. Првата, граѓанскиот сектор го определува и го нормира или како сектор кој и е спротивставен на државата, како нејзина алтернатива и негација и, во крајна линија како антидржавен и антиполитички проект или како коректив на државата; Во втората доктрина, граѓанскиот сектор се конципира како партнер на државната и на политичката власт воопшто. Кај нас првата концепција се пројави непосредно пред демократизацијата и осамостојувањето и беше доминантна се до крајот на 1990-тите години и почетокот на новиот милениум. Во овој период помеѓу двата сектори, односно меѓу нивните водечки претставници постои силно непријателство. Граѓанскиот сектор е јавно доживуван и третиран како „петта колона“. Негови главни претставници во тој период се новопромовираните „невладини организации“. Голем дел од нив своите активности ги потпираа главно на финансиска и идејна поддршка од надвор, а пред се од американски извори. Ваквиот однос се менува кон крајот на 1990-тите години, но особено после 2002 година.

До промената доаѓа поради замената на парадигмите на глобaлно ниво. Главните чинители на меѓународната помош за развој ја враќаат државата повторно во игра. Таа, со сите нејзини мани (ценрализирана, корумпирана, неефикасна) станува неспорен, но недоволен чувар на јавниот интерес. За состојбите кај нас е битно и тоа што со промената на парадигмата дојде до смена на главните поддржувачи на граѓанскиот сектор. Местото кое до тогаш го заземаа САД, сега се пополнува со европски чинители. Со воспоставувањето на Пактот за стабилност на југоисточна Европа (1998-2008/2013), Европската Унија го промовира принципот на повеќеслојно управување. Тој принцип ѝ препорачува на политиката да се отвора кон граѓанскиот сектор, а на граѓанскиот сектор да се професинализира и да ги зголемува своите капацитети за преземање одговорност на компетентен извршител на јавни дејности, а не само критичар на властите. Освен тоа, Европската комисија, во своите годишни извештаи за напредокот на евроинтеграцијата во земјите кандидати и аспиранти, како индикатор, започнува да ги вклучува и состојбите и односите на државата кон граѓанскиот сектор.

Под тие влијанија, не исклучувајќи го секако се` уште силното влјание на Светската банка и другите меѓународни развојни агенси, во 2006 година ќе се усвои Стратегијата за соработка меѓу владата и граѓанскиот сектор 2007-2011. Врз основа на ваквите глобално-локални реконфигурации, граѓанскиот сектор во политичките кругови, но и во пошироката јавност почна да се перцепира како потенцијален и посакуван партнер во управувањето со важни општествени процеси. Тоа беше најава за нов - кооперативен и партнерски - однос помеѓу политиката и граѓанскиот сектор. Меѓутоа, политичкиот развој во Република Македонија после 2008 година ја пресече таа можност. Дотука, односите на политичкиот со граѓанскиот сектор се равиваат како и во другите пост-комунистички земји. Но, од овој момент настанува локална промена која значеше отстапување од тој глобален тренд. Случувањата во овој период се клучни за разбирање на најновите појави на релацијата политичка власт – граѓански сектор.

Gragjanski protest pred vladaФото: Граѓански протест пред Владата на РМ 

Односите меѓу граѓанскиот сектор и политичката власт после 2008 година

Во периодот по 2008 година во земјата беа забележани дотогаш непознати нивоа на политички поттикната мобилизација на граѓаните преку граѓански здруженија. Судејќи според тој индикатор може да се заклучи дека станува збор за еден вид граѓанско будење. Но, критичката анализа покажува дека станува збор за партиско-политичка инструментализација на граѓанскиот сектор.

Тоа се случуваше и на двете страни на централниот партиско-политички расцеп – меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Но, владеачката партија беше во предност не само заради пристапот до јавните ресурси туку и заради тоталитарниот карактер (карактер на преродбеничко движење) на нејзината политичка формула.  Политиката (на владеачката ВМРО-ДПМНЕ), започна процес на колонизација и клиентелизација на граѓанскиот сектор. Стратегијата за соработка, но и европските рамки за тоа служеа само како параван за обликување на граѓанскиот сектор како трансмисионен механизам на владеачката партија во функција на нејзините главни политички проекти.

Во овој период расте бројот на граѓански здруженија и организации кои добиваат финансиска поддршка од централната или од локалните власти. Тоа јавно се претставува како спроведување на европските препораки и на насоките од Стратегијата за соработка. Критичките анализи, повторно, покажуваа дека изборот на поддржани граѓански организации е направен врз основа на нивните партиски преференции. Освен тоа, во повеќе јавно проминентни случаи очигледна е и персонална унија помеѓу партијата и поддржаните здруженија. Како последица на тоа, дел од граѓанскиот сектор ја трампаа својата нормативно претпоставена автономија за клиентелистички однос со власта. Нешто, подоцна, владеачката партија започнува процес на т.н. „десороизација“ на граѓанскиот сектор. Главна мета на ‘мерките’ на оваа старо-нова политика на сатанизација на граѓанскот сектор беа здруженијата, организациите и иницијативите поддржани од локалната филијала на Фондацијата Отворено Општество - Македонија (поддржана од Џорџ Сорос) или од други странски извори.

На другата страна на политичко-партискиот расцепт, опозициониот СДСМ, согледувајќи дека сама не може многу да стори наспроти се` помоќната и поекспанзивна централна и локална власт на ВМРО-ДПМНЕ, ја развива формулата за широк (шарен) фронт против властa. Покрај сите опозициски партии во него се нудеше место и за непартиски структури, за граѓанскиздруженија, движења и независни интелектуалци и поединци. На овој начин беа третирани не само граѓанските иницијативи кои својата активност на директен или индиректен начин ја врзуваа со опозициската партија и беа насочени кон рушење на ‘режимот’ туку и граѓанските иницијативи чија активност беше автохтон отпор против многуте неразумности на власта како, на пример, Студентскиот пленум, иницијативата на хонорарците или мобилизацијата за поддршка и одбрана на новинарот Кежаровски.

На овој начин, двете главни политички партии навлегоа длобоко во граѓанскиот сектор дополнително загрозувајќи ја неговата и пред тоа тенка автономија. Заслугата на власта секако е поголема, но ни опозоцијата не остана невина во тој процес на колонизација на граѓанскиот сектор. Токму од опозициски кругови доаѓаа најсилните повици против неутралните и независните кругови во јавноста - „нема неутрални, или си со нас или си со нив“. Власта, пак, против секоја протестна акција – независно дали јавно била претставена и осмислена како партиска или како непартиска - поттикнуваше и поддржуваше пројавување на контрапротестни акции. И на едниот и на другиот начин граѓанскиот сектор беше длабоко поделен, по принципот: кој не е со нас е против нас.

И едниот и другиот пристап го вовлекуваа граѓанскиот сектор во политиката – владеачката партија со негово претворање во механизам на владеењето, а опозициската партија со негово инструментализирање како механизам за рушење, односно за освојување на власта. Во таа смисла, најновите случувања се само уште една епизода во долготрајниот процес на навлегување на политиката во граѓанската сфера. Појавата за која станува збор може да се именува на различни начини. Некои зборуваат за апсорбирање или всисување на граѓанскиот сектор од страна на власта, други за инсталирање на политичката власт во граѓанскиот сектор. Најтивки се гласовите дека станува збор за пенетрирање на граѓанскиот сектор во политичката власт.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Ило Трајковски

Д-р Ило Трајковски е редовен професор на Филозофски факултет во Скопје и визитинг професор на Државниот универизтет на Аризона во Теми, САД и на Јагелонскиот Универзитет во Краков, Полска. Неговиот научен и истражувачки интерес е во областите на социологијата на политиката и политичкиот систем, социологијата на граѓанственоста и човековите права и современата социолошка теорија. Има објавено повеќе трудови и преводи на социолошка литература од англиски на македонски јазик. Раководел и учествувал во повеќе домашни и странски научно-истражувачки проекти и бил научен консултант на повеќе апликативни проекти.