fbpx

Како да се спречи нова партиска чистка

Гоце Трпковски

Јавен интерес

04.07.17

Прегледи

Гоце Трпковски

goce trpkovski webslikaМалку внимание се обрнува на тоа дека партиската чистка не подразбира само отпуштање од работа. Една од најголемите чистки се случува во т.н. трет ешалон на власта. Именуваните функционери, директори, раководители, и други позиции, редовно се предмет на распределба меѓу коалициските партнери, и на централно и на локално ниво.

Една од клучните пораки на новата Влада, испратена уште од собраниската седница при  нејзиниот избор, беше дека нема да има партиски чистки во администрацијата. Тоа и се очекуваше. СДСМ уште во предизборната кампања порачуваше дека никој од администрацијата нема да биде избркан од работа поради партиската припадност или политичката ориентација, во обид да охрабри што повеќе гласачи вработени во гломазниот државен апарат да му дадат поддршка на неговите кандидатски листи.

СДСМ воопшто не ја измисли потребата од едно такво охрабрување. Притисокот врз јавната администрација како метод со кој власта влијаела врз изборните резултати беше регистриран во извештаите на ОБСЕ/ОДИХР, Европската унија, Стејт департментот на САД и други. Редовна појава беа вработувањата поради гласови, унапредувањата по партиски клуч, и притисокот врз „обичните“ вработени во администрацијата да ја поддржат владејачката партија (или барем да не ја поддржат опозицијата). .

Политичката дискриминација во Македонија е забранета со закон, но тоа не ги охрабруваше вработените во јавниот сектор отворено да изразуваат несогласување со политиките што се спроведуваат. Поединците што го правеа тоа се искористувани како пример дека послушноста и покорноста се секогаш подобар избор. Освен тоа, пораките дека неистомислениците и политичките противници треба да се „сотрат“, само ја гарантираа кроткоста на вработените кај убедливо најголемиот работодавач - државата (сфатена широко како централната власт, локалната власт и сите институции, претпријатија и други органи формирани од нив).

„Мека“ чистка

Денес во Република Македонија по четврти пат имаме промена на носителите на централната власт. Промена која доаѓа по тригодишна политичка криза, која, пак, беше кулминација на едно подолго време на поделби по различни основи, пред се политички. Во земја што е една од најсиромашните во Европа релативно лесно е да се поттикнат такви поделби. Население притиснато од егзистенцијални грижи тешко може да носи принципиелни политички одлуки. Дополнително на тоа, кога државната работа се смета за привилегија, очекувано е дека вработените во државниот сектор ќе бидат многу внимателни  да ги зачуваат и  да ги бранат своите работни места.

Токму затоа, гаранциите за „сигурноста“ на работните места од овој аспект беа неопходни за враќање на демократијата, особено на нејзиниот клучен елемент - правото на слободна волја, слободно изразување и слободно гласање на избори. По долги години демократско назадување потврдено со повеќе меѓународни печати, ова право им е загрозено на 127 илјади граѓани со право на глас, или на многу повеќе од тоа, ако се пресметаат и членовите на нивните семејства, како и потпишаните на фамозните „списоци за гласање“. Се разбира, ова ветување не може да се земе здраво за готово. Воспоставувањето на правната држава несомнено ќе мора да вклучи реформа на јавниот сектор со која секое работно место ќе биде оправдано и заслужено. Но, гаранцијата за работните места од партиска чистка е неопходна за враќањето на демократијата.

Од друга страна, малку внимание се обрнува на тоа дека партиската чистка не подразбира само отпуштање од работа. Тоа прашање и онака не е оставено на волјата на властодршците, кои и да се. Стапувањето на работа и престанокот на работниот однос во јавниот сектор е регулирано со Законот за јавни службеници и со други законски одредби. Една од најголемите чистки се случува во т.н. трет ешалон на власта. Именуваните функционери, директори, раководители, и други позиции, редовно се предмет на распределба меѓу коалициските партнери, и на централно и на локално ниво. Токму тие се луѓето што директно раководат со нашите институции. Од нивните способности и залагања најмногу зависи квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. А тешко може да се очекува голема способност и залагање од партиски назначени кадри, кои немале никакво искуство не само со институциите што им се дадени да ги водат, туку ни со областите што ги покриваат.

На пример, главна улога во справувањето со катастрофалната поплава во Скопје во 2016 година имаа тројца дипломирани правници на чело на Управата за хидрометеоролошки работи, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Исто така, се случувало ист човек да биде директор на претпријатија што немаат никаква меѓусебна допирна точка, како „Македонски шуми“, ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, и Државната лотарија. Или од пратеници да станат директори. За жал, овие истакнати примери создаваат погрешен впечаток дека буквално секое функционерско именување се прави според партискиот критериум и според ниту еден друг. Но не е сосема така. Дури и во крајно партизираниот македонски јавен сектор, има луѓе што раководат со институции за кои  се стручни и од кои биле дел и претходно, пред да бидат назначени на сегашните функции. Со образовните установи раководат луѓе од образованието, со социјалните установи раководат социјални работници итн. Некои од нив, ако се суди според реакциите на граѓаните што ги користат нивните услуги, работат и успешно. Дел од нив се членови на партиите што ја сочинуваа досегашната владина коалиција, вклучувајќи ја и најголемата, ВМРО-ДПМНЕ.

kako da se spreci partiska cistkaИзвор: Vesti.mk

Три услови

Откако заврши распределбата на министерските ресори, во најава е „главната битка“ за заземање на раководните позиции низ целиот државен апарат. Овој дел од политичкиот пазар, како што велеше екипата на К-15 пред многу години, ги опфаќа дури и претседателите на куќните совети. Токму низ овој процес ќе се види дали Македонија навистина ќе избегне нова партиска чистка во институциите. Предизвикот е голем, во владината коалиција има многу партии и многу интереси за задоволување. СДСМ како најголема партија знае дека поради тесното мнозинство тешко може да си дозволи да ја загуби поддршката дури и од најмалите партнери. Сепак, го почна своето владеење со девизата „зборот е збор“. А ако е даден збор дека државниот апарат нема да се користи за задоволување на партиските интереси, на тоа треба да се опстои не само со вработувањата и отпуштањата, туку и од аспект на тоа кој ги раководи институциите.

Постојат процедури како се избираат раководните кадри на секоја установа или претпријатие, и тие треба да се почитуваат. Затоа, ветувањето дека ќе нема нова партиска чистка може целосно да се оствари само ако се исполнат најмалку четири услови. Прво, ако се избегне масовна смена на секоја раководна позиција во наредниве месеци. Второ, ако пред истекот на мандатот се сменат само раководните кадри за кои ќе се утврдат неправилности во извршувањето на своите задачи или поради други објективни причини во транспарентен процес, а другите да останат да го дослужат своето време. И трето, ако на конкурсите што ќе следуваат за пополнување на највисоките позиции во институциите сите навистина да добијат еднаква шанса, дури и оние што досега биле на тие позиции, под друга власт. На тој начин, ако успеат да се задржат дел од раководните кадри што ги исполнуваат сите овие услови, без оглед што некои од нив можеби би биле припадници или поддржувачи на поранешната власт, односно на сегашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ, би можеле да го означиме почетокот на крајот на партиските чистки и воспоставувањето на професионална администрација.

Да нема забуни, вработените во јавниот сектор, без оглед каде се наоѓаат во хиерархијата, ги имаат истите граѓански и политички права како и сите други граѓани. Тие можат да членуваат и да бидат активни во политичките партии, граѓанските здруженија и на друг начин јавно да ги артикулираат своите политички гледишта. Но, во извршувањето на должноста што ја носи функцијата или работното место, личните и политичките ставови не смеат да имаат никакво влијание. Ниту да им одат во полза, ниту да бидат искористени против нив. Гарантирањето дека никој нема да биде отпуштен од работа поради политичката припадност значи минимално почитување на работничките права. Но овозможувањето еднакви шанси на сите да раководат, ќе биде чекор кон вистинското помирување.

Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Гоце Трпковски

Гоце Трпковски како новинар работи повеќе од 11 години, а во последниве пет години ги следи настаните, тековите и процесите во внатрешната и во надворешната политика. Посебно ги следи движењата на политичката сцена, однесувањето и активностите на политичките актери, односите меѓу нив, политичката култура, надворешно-политичките прашања (ЕУ, односите со соседите) од аспект на нивните рефлексии врз внатрешно-политичките односи, како и медиумите и медиумската слобода.