Ловење на големите риби: oд селективна пасивност кон бескомпромисна активност?

м-р Борјан Ѓузелов

borjan gjuzelovЌе успее ли Специјалното јавно обвинителство предводено од Катица Јанева да започне поширока борба против корупцијата од високо ниво? Возможно ли е само една институција да ја демонтира ваквата корупција и да го реши проблемот на „заробена држава“ каде што институциите наместо решение, претставуваат дел од проблемот?

 

Годината на заминување во Македонија ќе биде запаметена по објавените прислушувани телефонски разговори кои на виделина извадија широк опсег злоупотреби на власта кои укажуваат на постоење корупција од највисоко ниво. 2015-та, исто така, ќе биде обележана и по институционалната криза и „селективната пасивност“ на македонските институции во постапувањето по наводите за корупција. Терминот „селективна пасивност“ за прв пат беше употребен во последниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Македонија за 2015 година за директно да се посочи кон селективностa и пасивностa на институциите одговорни за гонење на корупцијата.

И покрај јавно достапните информации кои наведуваа на постоење корупција од високо ниво, во текот на оваа година Јавното обвинителство не покрена ниту едно обвинение за корупција против функционер од највисоките ешалони на власта. Ако на ова се додаде и неактивноста на Државната комисија за спречување на корупцијата и другите институции со антикорупциски надлежности, може да се забележи дека наместо решение, институциите всушност претставуваат дел од проблемот. Нивното неделување ги потврди обвинувањата на опозицијата дека највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ директно влијае врз правосудството и сите други институции задолжени за спроведување на законите.

Можна ли е промена?

Воспоставувањето на Специјалното јавно обвинителство е веројатно најзначајното достигнување од Договорот од Пржино. Оваа институција преку својата работа и прогон на случаите кои се поврзани или произлегуваат од нелегално снимените разговори треба да означи почеток на крајот на институционалната криза во државата. Законот за специјалното јавно обвинителство обезбедува значајни надлежности и поголема финансиска независност во споредба со постоечките институции со антикорупциски надлежности. Тоа обезбедува добра стартна позиција за Специјалното јавно обвинителство кое иако уште на почетокот на својата работа се соочи со опструкции и се уште се соочува со оспорување на неговата уставност, сепак има значаен политички легитимитет бидејќи е продукт на политички договор, а законот за неговото воспоставување беше речиси едногласно изгласан во Собранието.

Се наметнува прашањето: Ќе успее ли Специјалното јавно обвинителство, предводено од Катица Јанева да започне поширока борба против корупцијата од високо ниво? Возможно ли е само една институција да ја демонтира ваквата корупција и да го реши проблемот на „заробена држава“ каде што институциите наместо решение, претставуваат дел од проблемот?

Работата на Националниот директорат за антикорупција од Романија покажува дека битката против корупцијата во врвовите на власта не е невозможна мисија! Во изминатите две години Романија од земја со репутација на најкорумпирана членка на ЕУ стана пример за бескомпромисна борба против корупцијата на државните функционери.

Романскиот национален директорат за антикорупција е посебно тело во состав на обвинителството задолжено за истрага, откривање и гонење на корупција од високо и средно ниво. По именувањето на новата јавна обвинителка Лаура Ковеши во 2013 година, Директоратот забележува значајни резултати и во текот на 2014 година успева да покрене обвиненија против 1138 личности на високи функции, вклучувајќи 24 градоначалници, петмина пратеници, двајца поранешни министри, како и против поранешниот премиер Адријан Настасе кој заврши зад решетки. Оваа година, уште 15 романски пратеници се најдоа под истрага, од кои четворица се поранешни министри, а не беше поштеден ниту актуелниот градоначалник на Букурешт Сорин Опреску. Обвинети беа и еден генерал на армијата, четири обвинители и 18 судии. Конечно и најважно, дури 90 отсто од овие обвиненија завршија со пресуди, што јасно укажува на квалитетот на работата на оваа антикорупциска институција, но и на капацитетот на судството да решава вакви случаи.

Конечно, во јуни оваа година, Директоратот поведе истрага и против во тој момент се уште актуелниот премиер Виктор Понта и даде налог за замрзнување на неговиот имот. Истрагата за негова вмешаност во корупција предизвика демонстрации и голем притисок од јавноста кои кулминираа на почетокот на ноември по пожарот во ноќен клуб во Букурешт каде што животот го загубија 35 лица, додека повеќе од 100 беа повредени. Истрагата покажа дека ноќниот клуб не ги исполнувал минималните критериуми за безбедност, a демонстрантите добија уште еден нов слоган: „Корупцијата убива!“. По овој настан, Понта конечно си даде оставка и ја разреши Владата.

Довербата на граѓаните е важна

И покрај значајните резултати во борбата против корупцијата од високо ниво, Директоратот предводен од Ковеши секојдневно се соочува со институционални опструкции и јавни дисквалификации. Имено, иако романските политичари најчесто јавно ги поддржуваат антикорупциските активности, во пракса често го менуваат законодавството со цел да ги ограничат надлежностите на Директоратот за да се заштитат самите себе. Од друга страна, најголем дел од дисквалификациите се дека Директоратот и Ковеши одработуваат за политичките опоненти на Понта, како и дека нивните методи за откривање на корупцијата потсетуваат на романските тајни служби во времето на социјализмот.

На ваквите опструкции и дисквалификации, Ковеши одговара со јавно, транспарентно и проактивно работење со што го придобива мнозинството од јавноста на своја страна: повеќе од 60 проценти и веруваат на оваа институција, додека за илустрација само 11 проценти му веруваат на Парламентот. Бескомпромисноста на Ковеши и видливите резултати кои таа ги постигнува ја враќаат вербата дека никој не е недопирлив и дека корупцијата во високите ешалони на власта може да биде ефективно прогонувана и сузбиена. Антикорупцијата е повторно на врвот на политичката агенда што во јавноста креира „побарувачка“ за повеќе правда и уште поголем прогон на корупцијата. Притоа политичарите се ставени во теснец: од една страна за да го задржат својот рејтинг мора да покажат дека ја поддржуваат (или барем не ја попречуваат) работата на Директоратот, а од друга страна треба да внимаваат да не бидат следните кои ќе завршат зад решетки. Ваквата позиција ја намалува нивната моќ, а ја зголемува моќта на Директоратот и овозможува своевидна заштита на неговата работа.

Како до бескомпромисна правда во Македонија?

Што може македонското Специјално јавно обвинителство да научи од романскиот Директорат за антикорупција?

Уште од формирањето, Специјалното јавно обвинителство има многу противници. Тие имаат политичка моќ, контрола врз институциите и врз голем дел медиуми. Почетната медиумска хајка и оспорувањето на неговата уставност се веројатно само видливиот дел од сантата мраз.

Затоа Специјалното јавно обвинителство треба да најде сојузници. Покрај опозицијата и меѓународниот фактор, романскиот пример покажува дека поддршката на пошироката јавност и нејзината доверба е еден од клучните фактори за успех. Последното истражување на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) спроведено на почетокот од октомври покажа дека една третина од граѓаните верувааат дека Катица Јанева ќе може да ги истражи случаите независно и без опструкции. Ова може да биде добра основа за градење доверба, бидејќи верувам дека голем дел од граѓаните сакаат да живеат во држава без корупција. Тие се заситени од дневно политичките препукувања на партиите, но веруваат во правдата и доколку Катица Јанева и нејзиниот тим покажат решителност и бескомпромисност, голем дел од јавноста ќе застане на нејзина страна.

Борбата против корупцијата од највисоките ешалони на власта нема да помине без јавни дискредитации и скриени притисоци иницирани токму од оние против кои Специјалното јавно обвинителство треба да се бори. Сепак, доколку јавноста биде навремено и транспарентно информирана за притисоците, тие ќе бидат значајно неутрализирани, а довербата дека оваа институција е на вистинскиот пат континуирано ќе расте.

Специјалното јавно обвинителство во моментов има историска шанса да ја демонтира „заробената држава“ и да испрати силна порака дека никој не е недопирлив. Тоа ќе ги охрабри и другите институции, пред се судовите, со својата работа да покажат дека борбата против корупцијата е возможна и во Македонија!

Останува да видиме што ќе ни донесе новата 2016 година...


Ве молиме прочитајте ги правилата пред да коментирате или превземате
Напомена: Мислењата и ставовите во оваа статија се на авторот и не ги одразува позициите на Институтот за комуникациски студии ниту на донаторот.

Скопје ќе биде загадено се` додека не го врати урб...
Кога стравот е подобар од гневот: како медиумите г...
 

Коментари

Моментално нема коментари. Биди прв со својот коменат!
Анонимен
Вторник, 16 Јануари 2018
Поддржано од:       Имплементирано од:       Проект: